Полека но сигурно во Симпозион ја заокружуваме календарската година со уште една успешно реализирана обука од областа на јавните набавки. Во пресрет на претстојниот Закон за јавни набавки, кој ќе внесе одредени промени во постојниот начин на работење, нашите учесници имаа можност да се информираат за новините од прва рака. Обуката со наслов „Новини во правилата и политиките за јавни набавки – како со нив ќе се надминат постојните проблеми“ беше фокусирана на објаснување на новите законски решенија, кои беа воведени со цел поедноставување на работата за практичарите на јавните набавки.
Во удобниот амбиент на конференциската сала на хотелот „Park Hotel & Spa“, под водство на м-р Рита Глигоријевска, се поведе жива дискусија околу одредени аспекти на планирањето и спроведувањето на јавните набавки во рамки на новата правна регулатива. Глигоријевска, која учествуваше во сите фази од составувањето на новиот закон, остави простор за дискусија и понуди исцрпни одговори на поставените прашања и искажаните дилеми.
Дискусиите и размената на искуства и мислења продолжија и за време на ручекот во хотелот, при кој имавме можност да уживаме во погледот на снежниот брег на реката Вардар.
Симпозион искажува благодарност до сите учесници, кои направија од овој настан вредно искуство за збогатување и унапредување на професионалната заедница на практичарите од областа на јавните набавки во Р. Македонија.