„Евалуација на понуди и откривање на незаконските договарања во постапките за доделување на договори за јавни набавки“ беше називот на тематската обука што успешно ја реализиравме на 30 мај во хотелот „City park“ во Скопје, последна во циклусот пролетни настани во организација на Симпозион.
Учесниците на обуката имаа можност да научат, преку примери од праксата, за фазите на евалуација, како и факторите при утврдување на прифатливоста на понудите. Понатаму беше опфатен аспектот на судир на интереси во постапката за јавни набавки, со насоки за избегнување на истите, а имаше и детален осврт на забранетите договори, повторно преку примери од праксата.
Ова, воедно, беше и наша прва соработка со предавачките Габриела Папаш од Бирото за јавни набавки и Валентина Николова, раководител на сектор во Комисијата за заштита на конкуренцијата. Нивната темелна експертиза и долгогодишно искуство, релевантни за овој тематски пресек, беа докажани на дело за време на обуката. Голем број од учесниците изразија задоволство од содржините, како и од организациската одлука за ограничување на бројот на учесници, со цел поефективна дискусија во која секој еден од учесниците имаше простор да постави прашање до предавачките.
Симпозион продолжува да работи посветено кон надградување на знаењата и способностите на вработените во различни професионални дејности. Продолжуваме со организирање внимателно осмислени тематски семинари со проверени експертски имиња, одлично запознаени со локалниот контекст. Темите кои ги одбираме, честопати, произлегуваат од предлози од учесниците, како и набљудување на самите дискусии за време на постојните обуки во кои заедно со учесниците детектираме насоки во кои е потребно продлабочување на знаењата.
Не пропуштајте ја следната обука на тема „Оценување, стручно усовршување, дисциплинска и материјална одговорност на административните службеници: законска рамка и практични примери“, која ќе се одржи на 5 и 6 јули 2018 година во хотелот „Сириус“ во Струмица. Со пријава до 14 јуни, следува 10% попуст. Повеќе за обуката може да прочитате на следниов линк.