Суботица: остварена работилница во еден од најубавите балкански предели

Архива

Во периодот од 26 до 28 април, Симпозион успешно ја оствари работилницата „Реформи во системот на јавните набавки – предизвици кои претстојат“ во Суботица (Војводина), Република Србија.

Според предвидената агенда, под менторство на препознатливи експерти во областа, меѓу нив и автори на текстот на новиот закон, беа презентирани слабостите на актуелниот закон, со осврт на проблемите што треба да се разрешат, а беа претставени и претстојните реформи во системот на јавните набавки преку дискусија за текстот на новиот закон. Беа споделени информации за новите електронски алатки, електронскиот пазар за мали јавни набавки, електронските каталози, електронската жалба; новите постапки за доделување на договори за јавни набавки, објавувањето на плановите за јавни набавки и склучените договори; системот на претходна контрола која ќе ја спроведува Бирото за јавни набавки; подобрувањето на правната заштита како еден од столбовите на контролата во постапките за јавни набавки, како и информации за најчестите грешки при спроведувањето на постапките за јавни набавки и насоки за нивно надминување и презентирање на случаи на „добра пракса” при разрешување на проблемите кои се јавуваат при спроведувањето на јавните набавки.

Во работилницаа учествуваа претставници од обете страни на процесот на јавните набавки, договорни органи и економски оператори. Работилницата имаше интерактивен карактер и, покрај излагањата на предавачките, беше развиена и опширна дискусија по предвидените прашања.

Програмата на патувањето, покрај едукативните сесии, беше обогатена со посета и искусување на важните обележја на Суботица, кои го дефинираат културниот релјеф на северниот војводински предел, во кој на прекрасен начин се вкрстуваат повеќе културни традиции. Преку разглед на градот, учесниците имаа можност да се запознаат со сецесиското архитектонско богатство на Суботица, кое ги опфаќа речиси сите важни градски објекти. Карактеристичен топос за Војводина се и салашите – големи селски имоти, кои опфаќаат повеќе градби што ги формираат специфичните контури на тамошниот живот. Групата учесници имаше прилика да го посети познатиот „Мајкин салаш“, каде што уживаже во локалниот амбиент, храна и музика на тамбураши. Посетата на ергелата „Келебија“, со возењето со фијакери и јавањето липицанери, беше, исто така, ново искуство за повеќето учесници. Такво искуство беше и посетата на винаријата „Звонко Богдан“ на Палиќ, каде што беше претставен процесот на производство и чување на виното, а беа дегустирани и дел од нивните најпознати вина. Палиќкото езеро, со своите природни богатства и сецесиското наследство, ја заокружи програмата на патувањето. Упатуваме благодарност за беспрекорното изведување на предвидената програма до агенцијата „Фибула“, со која започнуваме квалитетна соработка.

Општото задоволство од сите аспекти на програмата е предизвик за тимот на Симпозион да планира и остварува нови и усовршени екдукативни и патувачки програми, на што веќе работиме.