Планирањето на јавните набавки – клуч за ефикасно и ефективно работење со ЈН

Архива

На 18 декември Симпозион ја оствари завршната обука за 2017 година на тема: „Ефикасност и ефективност во планирањето на ЈН, мониторинг и известување за реализацијата на планот за ЈН“. Обуката беше одржана во хотелот „Бест Вестерн“, сместен во строгиот центар на Скопје.

Интерактивната обука ја осветли проблематиката на планирањето на јавните набавки, кое претставува клуч за успешно насочување на активностите и изнаоѓање можности за порационално користење на ресурсите за остварување ефикасно и ефективно работење на субјектите од јавниот сектор. Покрај разгледувањето на законските и подзаконските акти од оваа област, соодветно внимание беше посветено и на интерните акти кои субјектите од јавниот сектор треба да ги донесат заради непречено донесување на планот за јавни набавки, во кои треба да се предвиди распределбата на надлежностите, начинот на утврдување на потребите од јавни набавки, неговата усогласеност со буџетите, потребите од целосност и навременост при подготовката на годишниот план, како и организациската поставеност и кадровска екипираност на единицата за јавни набавки. Посебно внимание беше посветно на одредени пропусти и грешки при планирањето и вршењето на мониторингот и реализацијата на планот за јавните набавки, со предлози и препораки за нивно надминување.

Обуката беше водена од м-р Тања Таневска, Главен државен ревизор на Република Македонија, и м-р Цвета Ристовска, вработена во Државниот завод за ревизија, како помошник на Главниот државен ревизор – обете со големо искуство во областа на ревизијата на јавните набавки, како и во законското уредување и академското предавање на оваа проглематика.

Со оваа обука, Симпозион заокружи исклучително успешна година, особено на планот на едукацијата во областа на јавните набавки. Разностраните аспекти на работата со ЈН беа покриени со стручното мислење на низа експерти од областа, а завршната обука тоа јасно го потцрта. Предизвикот за идната 2018 година е стручно и критички да се разгледаат други битни аспекти од областа на јавните набавки, а на досега отворените да им се пристапи уште подлабински, како и да се биде во чекор со сите измени и новитети што ќе се појават.

Повеќе слики од обуката можете да видите на нашата Facebook страна.