Воведувањето на критериумот економски најповолна понуда (ЕНП) е една од најбитните реформи донесени со новиот Закон за јавни набавки. Со ова, на договорните органи им е дадена можност да одлучат дали изборот на најповолна понуда ќе го направат само врз основа на понудената цена, со пристапот на најдобар однос помеѓу цената и квалитетот, или со пристапот на исплатливост, т.е. трошоците во животниот век на стоките, услугите или работите.
Земајќи го ова како клучна точка во новиот систем на јавни набавки и препознавајќи ја потребата од стручно обучување за правилно разбирање и примена на ЕНП во работната пратктика, ни претставува задоволство да Ве поканиме на претстојната интерактивна обука на тема: „Критериум за избор на најповолна понуда (ЕНП)“, која Симпозион ја организира на 22 мај 2019 во хотелот „City Park“ – Скопје.
Долгогодишната практика на примена на критериумот најниска цена како единствен критериум за избор на најповолна понуда ги оддалечи договорните органи од можноста да го дефинираат и оценат квалитетот на предметот на набавка. Но, ако до сега бевме ограничени за вакво нешто, сега сме исправени пред нов предизвик, кој треба да се искористи на најдобар можен начин. Во нашите заложби може многу да ни помогне практиката поврзана со примената на критериумот ЕНП во земјите членки на ЕУ, нешто што е, всушност, и главна цел на оваа обука.
Поаѓајќи од основната претпоставка дека целта на договорниот орган е да ја избере најдобрата понуда на способен понудувач, а не да го избере најспособниот понудувач, оваа обука ќе овозможи да се разбере патот до таа цел, т.е. ќе ви помогне да дознаете дали критериумите за способност може да се користат и како критериуми за избор на најповолна понуда, ќе ви даде насоки за определување на опционалните услови за квалитативен избор на ЕО, ќе ви помогне сами да почнете да расудувате кога е битно да го дефинирате и оцените квалитетот кај одредени набавки и како правилно да ги распределите бодовите, кога е пожелно да го примените пристапот на исплатливост како критериум за избор на најповолна понуда и кои алатки треба да ги примените, кои методи на бодирање може да ги користите и што треба да избегнувате, а што да примените при дефинирање на критеримот за избор на најповолна понуда.
Земајќи ги предвид потребите, барањата и очекувањата, обуката е внимателно конципирана и содржините се соодветно разработени да одговараат максимално на интересите и на договорните органи (лица за јавни набавки и членови на комисии за јавни набавки) и на економските оператори. Материјалот што ќе биде предмет на настава и дискусија е, секако, од интерес и за сите лица чие работење е директно или индиректно поврзано со јавните набавки.
За повеќе информации околу планот за обуката ве молиме да ги прочитате агендата и поканата. За учество можете да се пријавите со пополнување на овој пријавен лист, кој го испраќате на нашата електронска адреса: info@simpozion.mk.