Со одлична посетеност, квалитетно исполнети работни сесии и активна дискусија помина втората обука што Симпозион овој месец ја оствари под наслов „Законот за енергетска ефикасност стапи на сила – како да одговорите на вашите обврски, но и да заштедите?“. Завршувајќи го месецов и отворајќи се кон новата програма што се предвидува за март, Симпозион се одјавува со веста за високоуспешната работилница што беше вторпат реализирана минатата седмица, поради пополнетите капацитети за првиот термин и нагласениот интерес за агендата предложена на зададената тема.
Деновиве е особено актуелна темата на снабдувањето со електрична енергија. По системските измени и отворањето на пазарот на електрична енергија, постапката за снабдување со електрична енергија отвори многу прашања кај договорните органи. Со Законот за енергетика, пазарот на електрична енергија е отворен и секој потрошувач има право да го избере својот снабдувач. Сите договорни органи што не спаѓаат во категоријата „мали потрошувачи на енергија“ сега имаат обврска да изберат свој снабдувач.
На работилницата беа претресени сите подробности поврзани со барањата што произлегуваат од Законот за енергетика и соодветните подзаконски акти, кои треба да се имаат предвид при спроведувањето на постапка за јавна набавка на електрична енергија. Под раководство на вистински ветерани во областа на јавните набавки и снабдувањето со електрична енергија, учесниците го слушаа и учествуваа во стручното толкјување и дискутирање на правилата, знаењата и искуствата во оваа област.
И преку втората работилница на оваа тема, Симпозион ја имаше честа да соработува со голем број учесници во активната дискусија. Како и до сега, во очи на низа други професионални предизвици на јавниот и приватниот сектор, продолжуваме да држиме чекор со актуелните теми, законски измени и системски новости.