Успешна едукација во пролетниот квартал: стручна надградба во областа на ЈН (Атина)

Архива

Минатата недела, од 16 до 18 мај, Симпозион оствари уште една во низата успешни задгранични обуки и работилници. Оваа пролет, Атина истручната доквалификација во областа на јавните набавки се вбројаа во нашата едукативна програма, како централен едукативен настан во вториот квартал.

Под насловот „Примена на новиот закон за јавни набавки“, во четири работни сесии беа разработени неколку множества од важни теми поврзани со примената на новиот закон за јавни набавки: усогласувањето на планот за јавни набавки со новиот ЗЈН, проверката на пазарот, оформувањето на јавната набавка во делови, разработка на новите видови постапки и начини на спроведување на јавните набавки, утврдувањето на способноста, користењето на способноста од други субјекти, новите правила при групно поднесување понуда и поголемата заштита на подизведувачите, примената на критериумот економски најповолна понуда, евалуацијата на понудите, имплементацијата на електронската жалба, управувањето со договорот и неговото менување итн.

Учесниците – договорни органи и економски оператори – следеа настава внимателно конципирана за да одговори на нивните специфични интереси и учествуваа во активна дискусија за дилемите и прашањата кои произлегуваат од материјата на новиот закон, разменувајќи мислења и искуства со предавачите и со своите колеги од други фирми и институции.

Патувањето, од своја страна, се одвиваше според внимателно разработена програма во соработка со туристичката агенција Травити. Во текот на тридневниот престој беа посетени низа знаменитости во Атина и во околината на грчката престолнина: важните јавни простори на градот; Сунион, најјужната точка на Атика (Посејдоновиот храм, Аполоновиот брег и Глифада); Коринтскиот Канал, кој го соединува Саронскиот Залив на Егејското Море и Лахејскиот Залив на Јонското Море, од каде што се оди до островот Пелопонез; Епидавар, родното место на Асклепиј, бог-лечител од митологијата; Нафплио, првата престолнина на новата грчка држава; златниот град Микена на легендарниот цар Агамемнон, откриен од археологот Хајнрих Шлиман.

Успешната реализација на едукативната и туристичката програма, одлично оценета од страна на учесниците, нè радува, но уште повеќе нè мотивира во решеноста секогаш да испорачуваме внимателно одбрано знаење и висококвалитетна организациска услуга. Посветено работиме за да задржиме највисоко ниво на доквалификација во битни професионални области, и да посредуваме меѓу експертите и професионалците преку иновативни едукативни методи.

Слики од патувањето и обуката можете да видите на нашата Facebook страна.


Во претстојниот период, Симпозион ќе впише во својата програма уште неколку едукативни настани. Тековно, отворен е повикот за следниве обуки:
Критериум за избор на најповолна понуда (ЕНП)“, која на 22 мај 2019 ќе се одржи во хотелот „City Park“ – Скопје.
Решавање конкретни дилеми при спроведувањето на постапките за јавни набавки согласно одредбите од новиот ЗЈН“, која на 29 мај ќе се одржи во хотелот „City Park” – Скопје.