Продолжувајќи со развивањето и унапредувањето на знаењата и искуствата на стручните лица во областа на јавните набавки, Симпозион ја најавува следната работилница на тема „Добра регулатива, обучени лица, а слабости во практиката – каде грешиме“, која ќе се одржи на 15 септември 2021 г. (среда), на отворено, во Винаријата „Тиквеш“ – Кавадарци.
Кога се јавуваат слабости и пропусти во професионалната практика на одредена струка, откако ќе се доуреди регулативата и ќе се вработат компетентни лица, потребно е да се работи на постојано стручно усовршување и доедукација на стручните тимови и на нивно квалитетно вмрежување со релевантните институции што ја регулираат и насочуваат практиката, како и со колегите од други институции заради развивање нови перспективи и стекнување нови искуства.
Како што укажува насловот на претстојната работилница во областа на јавните набавки што ја организира, овде си задаваме цел да ја преиспитаме практиката во секоја фаза од спроведувањето на постапките за јавни набавки, која во изминатиот период покажува дека сè уште постојат низа слабости, и покрај тоа што со воведувањето на новиот Закон за јавни набавки во април 2019 година се постигна значително подобрување на законската регулатива во областа на јавните набавки и постапките ги спроведуваат исклучиво обучени лица. Според тоа, со овој едукативен настан имаме намера да ги таргетираме и елиминираме токму тие слабости, пренесувајќи нови и важни увиди, упатства и искуства. Сметаме дека е вистински момент преку тематска работа и дискусија да разгледаме и да дадеме одговор за тоа „каде грешиме“ во практиката.
Работилницата е наменета за договорни органи (одговорно лице, лица за јавни набавки, членови на комисии за јавни набавки, надворешни стручни лица кои ѝ помагаат на комисијата при евалуацијата), економски оператори (управители, лица кои ги подготвуваат понудите), лица од академската заедница кои ги изучуваат јавните набавки, студенти кои ги изучуваат јавните набавки, невладиниот сектор, кој будно ја следи состојбата во важните домени на нашата држава, и сите лица чие работење е во допир со јавните набавки.
Учеството на обуката ќе подразбира и обезбедување примерок од книгата „Практичен водич низ јавните набавки“, во авторство на Рита Глигоријевска, Марија Јованоска, Александар Аргировски и Горан Давидовски.
Дел од дневната агенда е и организираната екстензивна прошетка низ визбите, производствениот оддел и депоата на винаријата „Тиквеш“, како и ручек со дегустација на вина на летната тераса.
Повеќе за оваа работилница можете да прочитате во официјалната »ПОКАНА«. Ве покануваме, исто така, да ја разгледате предвидената »АГЕНДА« за работилницата. За да пријавите учество Ве молиме да ни го испратите пополнет овој »ПРИЈАВЕН ЛИСТ« на info@simpozion.mk.
За сите дополнителни прашања, слободно контактирајте нѐ на тел. 078 271 576 или на официјалната имејл адреса.