Влог во стручната едукација: примената на рамковните спогодби наспроти класичните договори

Архива

Обуката „Рамковни спогодби vs класични договори: зошто, кога и како се применуваат (низ практични примери и размена на искуства)“ се вброи како уште еден успешен едукативен проект во портфолиото на Симпозион, сочинето од низа настани во областа на професионалната едукација и консалтинг. На овој настан, кој по трет пат беше реализиран на 29 ноември, беше разјаснет поимот на рамковните спогодби, начинот на склучувањето и времетраењето на истите, видовите на спогодби, доделувањето на поединечните договори преку рамковните спогодби, потребата од известување за доделени рамковни спогодби и поединечни договори за јавни набавки, правото на жалба во спогодбите, а сето тоа согласно ЗЈН.

Преку учеството на работилницата, на учесниците им беше овозможен јасен увид во практичната применливост на рамковните спогодби во споредба со класичните договори за јавни набавки. Што претставува рамковната спогодба и која е разликата во однос на договорите за јавна набавка? Кои се позитивни страни на рамковната спогодба и коганајчесто се склучува? Колку видовирамковни спогодби постојат? На овие и низа поврзани поврзани прашања беше понуден стручен одговор и се водеше активна дискусија.

Беа претставени практични примери за постапување при спроведување на постапката за јавна набавка што завршува со склучување на рамковна спогодба со еден економски оператор, рамковна спогодба со повеќе економски оператори без повторно прибирање понуди (каскаден метод), како и рамковна спогодба со повеќе економски оператори со повторно прибирање на понуди (мини тендери). Се разговараше за различните модели на склучена рамковна спогодба или поединечен говор и за специфичностите при спроведување на електронската аукција во овие модели. Дополнително, користените обрасци и примери им беа дадени на учесниците како работни материјали.

Обуката ја водеа, во согласност воспоставените принципи на Симпозион, предавачи со висока професионална експертиза и долгогодишно искуство во работата и раководењето на јавните набавки. Соодветно, обуката беше високо оценета од страна на учесниците, а беа споделени и препораки за идна (до)едукација и стручна размена на знаења и искуства во областа, преку едукативната мрежа и платформа што Симпозион ја развива со својата работа.

Бидете во тек со нашата едукативна програма преку нашиот вебсајт и нашата Фејсбук страница и вложете време во својата стручна надградба – тоа е единствениот пат кон квалитетна работа и  сигурни успеси на професионален план.