Симпозион во Виена: три едукативни настани и патувања што се паметат

Архива

Почетокот на летото го пресретнавме со три исклучително успешни стручни работилници во Виена врз чии подготовки посветено работевме од самиот почеток на оваа година. На крајот од мај и почетокот од јуни, Симпозион оствари три работилници во австриската престолнина кои, судејќи според обемот на групите и исклучително високите оценки од спроведената евалуација, во потполност ги постигнаа очекувањата и плановите на нашиот тим. По долги и темелни подготовки во соработка со Травел Тудеј, виенскиот циклус работилници успеа да пренесе внимателно одбрано и квалитетно знаење, остварувајќи притоа богата програма на патување во слободното време и задржувајќи ги високите стандарди на реализација на секој елемент на патувањето. Реакциите на спроведената евалуација бездруго нè мотивираат да продолжиме по зацртаниот професионален курс, усовршувајќи ги нашите едукативни програми и активно работејќи врз разработката на нови теми настани, чии што најави можете да ги очекувате наскоро.

Голема група претставници на договорни органи и економски оператори учествуваше на тридневната работилница „Корисни укажувања за надминување на потенцијалните пропусти и грешки во планирањето и спроведувањето на постапките за јавни набавки и реализацијата на договорите за ЈН“, со која на крајот од мај започна виенскиот циклус на Симпозион. Концептот и работната агенда беа соодветно осмислени за да дадат квалитетна стручна подготовка за успешна и правилна работа на одговорните лица и практичарите во областа на јавните набавки. Акцентот беше ставен врз практичната примена на законската и подзаконската регулатива која го регулира функционирањето на целосниот систем на јавните набавки, при што битни знаења, искуства и вештини беа пренесени во неколку внимателно структурирани сесии. Експертизата на Савка Нејковска-Тасева и Маја Малахова беше цврстата основа врз која се потпре оваа размена на внимателно разработени предлози и препораки за надминување на грешките и недоследностите во работата на јавните набавки, од нивното планирање до спроведувањето на постапките, следењето на реализацијата и управувањето со договорите.

Работилницата од областа на човечките ресурси ја реализираме во пресрет на усвојувањето на новите законски решенија за вработените во јавниот сектор и во одговор на растечкиот стручен интерес за областа управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор. „Актуелни теми за вработените во јавниот сектор: поврзаноста на функционалната анализа со планирањата на вработувањата, видовите на одговорност и обврските за лицата за интегритет“ – под овој работен наслов, Билјана Николовска Жагар ги преточи во ефективно и високо оценето предавање своите експертиза и долгогодишно искуство од областа на управување со човечки ресурси, етика и интегритет во јавниот сектор. Се фокусиравме на новиот Општ колективен договор за јавниот сектор, а значително внимание им беше посветено и на релевантните гранските колективни договори. Воведувањето, спроведувањето и следењето на системот на интегритет во институциите во јавниот сектор беше уште едно актуелно прашање што, во одговор на сугестиите од нашите соработници, беше поставено како централно во работната агенда. Судејќи според оценките на реализираниот едукативен план, работилницата ја постигна својата цел – направи влог во усовршувањето на стручните компетенции и подетална разработка на актуелните теми и прашања за стручните лица од оваа област.

Уште една исклучителна работилница беше дел од јунската програма во Виена – „Воспоставување на систем на управување со ризици, надоместоци и додатоци на плата, сметководствено евидентирање на специфични трансакции“. Со нејзините содржини одговоривме на активните барања и потреби за стручна едукација на вработените во државните органи кои се вклучени во процесите изложени на објективни и субјективни влијанија. Во рамките на настанот беа опфатени клучни теми од областа на финансиско-сметководственото работење, со фокус на формирањето систем на управување со ризици и нивна контрола. Работната агенда која Симпозион ја разработи со Бранислав Гулев, воспоставувајќи спрега меѓу интересот на своите соработници и длабокото искуство на предавачот во областа на финансиите, ревизијата и сметководството, како и начинот на кој истата беше реализирана понесоа највисоки оценки.

Покрај исцрпните стручни содржини на работните агенди и внимателно одбраните теми и експерти, трите работилници додадоа дополнителна вредност преку фокусираната дискусија за конкретни проблеми од сопствената практика, како и воспоставениот однос со предавачот, која останува дел од деловните односи на учесниците. Симпозион секогаш става силен акцент на меѓусебната размена на искуства, мислења и ставови во едукативните настани кои ги планира и спроведува.

Вон рамките на едукативните сесии, секоја од трите групи учествуваше во внимателно разработена и богата програма на патувањето низ Виена, културното и географското тежиште на Европа. Организираните разгледи и прошетки низ Виена опфатија многу впечатливи глетки во оваа престолнина на европската класика: од Хофбург од Белведере, од Пратер до Маријахилферштрасе, од музејскиот кварт до велелепните виенски плоштади. Не само Шенбрун, туку и современиот релјеф на Виена. Не само катедралите Михаелеркирхе, Петерскирхе и Штефанкирхе, туку и познатиот пазар Naschmarkt. Славните зданија на Државната опера, Академијата на ликовни уметности, Бургтеатарот, Градското собрание, дворецот Ханзен, паркот Пратер и уште многу други места беа дел од нашата богата програма. Како и секогаш, за сите посети ги избравме најдобрите градски водичи и обезбедивме современа опрема за соодветно восприемање на историјата и битните приказни поврзани со посетените градски точки. И овој аспект на координација на патувањето доби највисоки оценки од страна на колегите учесници во трите групи.

Централната градска локација на сместувањето и едукативниот простор идеално се впишаа во целината на патувањето, овозможувајќи им на групите учесници да го поминат секој слободен миг во најубавиот дел од австриската престолнина. Организацијата на патувањето беше осмислена и беспрекорно спроведена од страна на туристичката агенција Травел Тудеј. Целото поминато време овозможи сеопфатно и квалитетно искуство, во кое секој елемент беше осмислен и наменет конкретно за нашата група учесници и вклучен во целокупниот аранжман, без додатни издатоци на сметка на учесниците, што е својствено за сериозниот пристап на Симпозион кон организацијата на своите едукативни настани.

Позитивните впечатоци од сместувањето во градот, работниот простор и сесиите на едукативните настани, организацијата на целото патување и посетата на знаменитите локации на австриската престолнина што ги споделија со нас учесниците се оној плод на кој искрено се надевавме како резултат на долгомесечните подготовки. Тие воедно нè обврзуваат да продолжиме со развојот на стручните теми и содржини, експертскиот пристап, грижливата организација, прецизната комуникација, внимателниот избор на соработници и општите стандарди на стручна едукација, кои го сочинуваат јадрото на нашата работа.

Симпозион продолжува да ги следи потребите и интересите на своите соработници и да го усовршува својот професионален систем за да обезбеди најдобри услови за стручна едукација. За да бидете во тек со новостите во повеќе области од деловното работење, следете ги нашите објави за идни едукативни настани, проверувајте ја нашата социјална страница и слободно контактирајте со нас за сите професионални прашања и потреби.

Во продолжение низ неколку кадри отвораме мал прозорец кон виенскиот циклус со кој Симпозион го обележа почетокот на летото.