Симпозион нуди можност за организирање и спроведување специјализирани in-house обуки и работилници во областа на енергетската ефикасност. Концептот на in-house едукација подразбира целосно приспособување на потребите и барањата на институцијата или компанијата преку: 1) адаптирање на пристапот кон внатрешната структура и конкретните околности на клиентот; 2) ангажирање врвни експерти за разработка на едукативна содржина и план; 3) спроведување единечна или серија обуки/работилници, во зависност од договорената временска рамка; 4) ситуирање на обуката во работните простории на клиентот или на друго договорено место.
In-house едукацијата во областа на енергетската ефикасност е од исклучителна важност за единиците на локалната самоуправа, за големите претпријатија, за јавниот сектор, како и за индустрискиот и комерцијалниот сектор.
Специјализираната едукација ќе Ви ги предочи сите Ваши обврски и одговорности, но истовремено ќе Ви помогне во идентификација на можностите – остварување заштеди преку имплементација на енергетски ефикасни мерки. Ќе Ви помогнеме да правите кратки анализи на енергетските заштеди, на вредноста и исплатливоста на инвестицијата. Ќе го адресираме прашањето – како да се избегне инвестицискиот ризик, но и како да се избере најдобрата опција од повеќе понудени алтернативи. На обуката ќе бидат презентирани и неколку едноставни софтверски алатки за пресметка на исплатливоста на инвестициите кај градежните објекти, рекуперација на отпадна топлина, истовремено производство на електрична и топлинска енергија, како и за можноста за поставување фотоволтаици на покривите.
Според карактеристиките на секој субјект од споменатите видови, создаваме соодветна едукативната програма.
Единици на локална самоуправа
Законот за енергетска ефикасност носи нови предизвици за единиците на локална самоуправа (ЕЛС). Подготовката на програма за енергетска ефикасност станува законска обврска. Истовремено, во законот се внесени и обврските на ЕЛС за исполнување на мерките на кои се обврзани со Националниот акционен план за енергетска ефикасност (НЕЕАП). ЕЛС мора да назначат одговорно лице со обврска да внесува податоци во единствениот информациски систем за енергетска ефикасност. Неисполнувањето на која било од наведените обврски се смета како прекршок, за кој се предвидени глоби и за правното лице и за одговорното лице.
Сепак, сите овие законски обврски носат и нови прилики и можности. Енергетската ефикасност треба конечно да се разбере како средство за постигнување економски заштеди, рационална потрошувачка на енергија која ќе овозможи поголем расположив буџет за други намени, како и грижа за животната средина.
Големи претпријатија
Во оваа категорија влегуваат правни лица основани согласно Законот за трговски друштва кои во секоја од последните две пресметковни години, односно во првата година од работењето задоволиле најмалку два од следни три критериуми:
-
- просечниот број на вработени врз основа на часови на работа надминува 250 вработени,
- годишниот приход е над 10.000.000 евра во денарска противвредност
- просечната вредност (на почетокот и на крајот на пресметковната година) од вкупните средства на друштвото е повеќе од 11.000.000 евра во денарска противвредност
Големите претпријатија се должни да спроведуваат енергетска контрола на секои четири години. Првата енергетска контрола мора да ја направат најдоцна до 30 јуни 2020 г. Казните за неисполнување на оваа обврска се изразени во проценти од годишниот приход на компанијата.
Не секое големо претпријатие има и високи трошоци за енергија. Веројатно попрецизна би била констатацијата дека, најчесто, големите претпријатија се фокусирани на она што значи core business, па често го занемаруваат сегментот на енергетските трошоци. Неретко истите се обидуваат да ги намалат со заштеди во вид на ограничувања и рестрикции. Вистинскиот начин е преку енергетската ефикасност, односно преку примена на енергетски ефикасни мерки. Со одговорниот пристап кон енергијата, компанијата ќе го зајакне својот имиџ како општествено одговорна компанија.
Јавен сектор
Зградите од јавниот сектор мора да ги исполнуваат минималните карактеристики за енергетска ефикасност на згради. Службата за општи и заеднички работи при Владата, подготвува и објавува список на зградите со вкупна корисна подна површина над 250 m2 кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики на згради. Потоа, СЗОР подготвува предлог план за реконструкција на најмалку 1% од вкупната корисна подна површина на зградите кои се објавени на списокот, на годишно ниво. Јавниот сектор треба да назначи одговорно лице (вработен или надворешен експерт/друштво), кои ќе ја следи, евидентира и верифицира потрошувачката на енергија преку информацискиот систем за енергетска ефикасност. Оваа обврска јавниот сектор треба да ја исполни најдоцна до 30 јуни 2019 г.
При објавување оглас за доделување договор за јавна набавка на стоки и услуги, субјектите од јавниот сектор имаат обврска да ја наведат енергетската ознака или нивото на потрошувачка на енергија на стоките или услугите кои се набавуваат како задолжителен критериум за избор на најповолната понуда, за оние производи кои користат енергија и се предмет на енергетско означување согласно закон.
Зградите кои се предмет на изнајмување или продажба, мора задолжително да поседуваат енергетски сертификат.
Индустриски и комерцијален сектор
Обврските од Законот за енергетска ефикасност се одлична можност за индустријата и комерцијалниот сектор да направат сериозен исчекор кон идентификување и имплементирање на енергетски ефикасни мерки, а со тоа и постигнување на сериозни заштеди. Компаниите ќе мораат задолжително да вршат енергетска контрола, поточно два вида на енергетска контрола – енергетска контрола на згради и енергетска контрола на системите за греење и климатизација (доколку нивната инсталирана моќност е над 70kW).
Кога станува збор за индустријата, ситуацијата е покомплексна во однос на видовите и потрошувачката на енергија, но истовремено таквата состојба нуди и поголеми можности за заштеда. Рекуперацијата на топлина од производните процеси е само еден сегмент со кој може многу да се постигне. Ќе Ви помогнеме да искористите максимум од отпадната топлина на Вашите технолошки процеси.
Предавачи
• Даниела Младеновска (доктор по технички науки), UNIDO сертифициран експерт за имплементација нa системи за управување со енергија (EnMS). Национален тренер во програмата за обука на европски енергетски менаџери EUREM, со дводецениско работно искуство како инженер во енергетскиот сектор. Ангажирана е како насловен доцент на Техничкиот факултет при универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
• Горан Танчевски (дипл. машински инженер и дипломиран инженер технолог), UNIDO квалификуван експерт за системи за управување со енергија. Национален тренер во програмата за обука на европски енергетски менаџери EUREM. Консултант во областа на енергетската ефикасност, оптимизација на системи за пареа и оптимизација на системи за компримиран воздух.