Започна новата едукативна сезона на Симпозион

Архива

Со темата „Подобрување на енергетската ефикасност кај јавните објекти“ започна новата едукативна сезона на Симпозион. Работилницата, која беше одржана на 6 септември во хотелот „Романтик“ (Велес), беше битен исчекор за мрежата на знаења и контакти од областа на енергетската ефикасност, проблематика чија значајност забрзано се зголемува и станува неодминлива во функционирањето и деловното планирање на јавните објекти.

Пристапувајќи му на прашањето за рационална потрошувачка на енергија, работилница го постави фокусот врз енергетската ефикасност, сектор од незаменливо значење за јавните објекти во Македонија, како значаен потрошувач на енергија, во кој системскиот пристап кон подобрување на енергетската ефикасност е клучен и подразбира проектирање, изведување и експлоатирање на јавните објекти на начин што ќе овозможи оптимална потрошувачка на енергија и оптимални оперативни трошоци во текот на животниот век.

Со обуката беа покриени две важни потреби на луѓето кои се или сакаат да бидат професионално активни во оваа област: 1)  едукација во областа, како клучен фактор во разбирањето на важноста на предизвикот и соодветно пристапување кон него и 2) остварување контакти со експерти од областа, како основа за идна соработка и постигнување соодветни резултати во работата. Полезноста и перспективноста на едукацијата и соработката во оваа област е дотолку појасна ако се земе предвид вниманието што институциите на Европската Унија ѝ го посветуваат – преку директиви, проекти и строги стандарди, насочени кон генерирање системски пристап и континуирано подобрување на енергетската ефикасност, сигурност, употреба и потрошувачка.

Препознавајќи го интересот за дадената проблематика и нејзината важност за јавното добро, т.е. енергетско-економската ефикасност на јавните објекти во земјава, Симпозион ќе продолжи да нуди соодветна професионална надоградба и асистенција во стекнувањето на потребните знаења и одговарањето на предизвиците.

Во тукушто започнатата едукативна сезона следуваат низа едукативни настани, кои можете да ги разлгедате овде. Дозволете да Ве потсетиме дека уште денес имате прилика за пријавување учество во тематската работилница што ја организираме на 13 и 14 септември 2018 г. во хотелот „Сириус“ – Струмица, под назив: Видови вработувања во јавниот сектор, со посебен осврт на вработувањата на административни службеници, унапредување и стручно усовршување на административните службеници“. За оваа работилница можете да прочитате повеќе овде.