Обрските и потенцијалните заштеди разгледани преку работилница за Законот за енергетска ефикасност

Архива

Особено важни во портфолиото на Симпозион се едукативните настани преку кои се отвораат темите на иднината, односно оние проблеми и прашања што неизбежно добиваат централна важност со развојот на новите сфаќања, технологии и политики. Следејќи го интересот за овие нови теми, на 6 март, со работилницата под наслов „Законот за енергетска ефикасност стапи на сила – како да одговорите на вашите обврски, но и да заштедите?“, Симпозион се обиде да даде стручен увид во хоризонтите што ги донесе стапувањето на сила на долгонајавуваниот Закон за енергетска ефикасност.

Во контекст на обврските што Законот ги предвидува за јавниот сектор, компаниите и локалната самоуправа, со ангажман на најрепрезентативните експерти во земјава, се обидовме на групата слушатели да ѝ го обезбедиме потребното знаење за задачите и предизвиците од оваа област, кои треба да бидат пресретнати и исполнети благовремено и квалитетно.

Во рамките на три работни сесии, беа понудени одговори на низа суштински прашања што произлегуваат од зададената тема и беа изложени барањата што произлегуваат од Законот за енергетска ефикасност. Работилницата беше спроведена заради зајакнување на капацитетите на стручните лица од оваа проблематика во разнообразни институции и фирми со цел навремено и доследно одговарање на законските барања, како и прилагодување на новото деловно опкружување. Преку неа беше укажано и на сите аспекти што субјектите можат од обврска да ги претворат во своја деловна предност.

Исклучително високите оценки на сите учесници ни укажуваат дека предизвикот зададен со оваа обука беше соодветно пресретнат и, соодветно на тоа, Симпозион ќе разработи нови, уште попродлабочени програми во оваа област, во соработка со експертите што ја водеа работилницата.