Во фокус: Законот за облигациони односи и договорите за јавни набавки

Архива

На 24 ноември по втор пат беше реализирана интерактивна обука на тема „Законот за облигациони односи и договорите за јавни набавки“, овој пат во хотелот „Бест Вестерн“ во строгиот центар на Скопје. Одличните едукативни сесии, проследени со богата дискусија, ја оправдаа големата посетеност на обуката и открија јасен интерес за редовно одржување едукативни средби на оваа и темите поврзани со Законот за облигациони односи и договорите за јавни набавки, со оглед на тоа дека знаењата и искуствата кои се пренесуваат и разменуваат на истите се од непроценливо значење за законито и стручно извршување на работата.

Обуката опфати низа исклучително важни прашања поврзани со примената на ЗОО: 1) дали тендерската документација води кон задолжително склучување на договорите и дали постои можност да не се склучи договор за јавнa набавкa; 2) што е тоа пред–договор, а што модел на договор; 3) кои се правата и обврските на договорните страни и кој е ризикот-правните последици во случај кога не се исполнуваат договорните обврски; 4) дали договорите за јавни набавки можат да содржат извршна клаузула; 5) како се толкуваат договорите и посебно договорите за јавни набавки; 6) кога може да се направи  нотификација или приговор за неправилно исполнување или неисполнување на договор; 7) кога може да дојде до раскинување на договор поради неправилно исполнување или поради неисполнување на договорот; 8) кога може да дојде до раскинување или измена на договорот поради променети околности; 9) што е тоа невозможност за исполнување на договорот и какви се правните последици; 10) кога се активира банкарска гаранција; 11) за кои обврски и кога тече казнена камата; 12) дали е можно  пребивање (компензација) кај договорите за јавни набавки; 13) дали институтот отпуштање на долг може да се примени кај договорите за јавни набавки; 14) што е тоа  застареност и кога настапува; дали е можно отстапување на побарување (цесија) кај договорите за јавни набавки; 15) каква е одговорноста за материјалните недостатоци и кои се обврските од гаранцијата за исправно функционирање на испорачаните стоки; 16) кои се начините за престанување на договорот за јавнa набавкa; 17) што е тоа договор за контрола на стоки и услуги.

Задолжени за нивно експертско адресирање беша проф. д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска, редовен професор на Правниот факултет„Јустинијан Први“ при УКиМ, автор и коавтор на повеќе стручни книги и прирачници од областа на облигационото право, и м-р Маја Малахова, претседателка на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

И овој пат не изостанаа високите оценки од страна на учесниците за логистичката, тематската и организациската подготовка на обуката. Тоа е мотивација за тимот на Симпозион да развива развивање програми за понатамошна (збогатена и специјализирана) едукација во областа на примената на ЗОО и договорите за јавни набавки.

Повеќе слики од обуката можете да видите на нашата Facebook страна.