Одлични резултати од втората обука за канцелариско и архивско работење

Архива

На 2 ноември, поради големиот интерес, по втор пат успешно ja реализиравме интерактивната обука „Основи на канцелариското и архивското работење“ со д-р Ацо Ангеловски. На обуката беа опфатени содржини од суштинско и практично значење за вработените и одговорните во предметната област, почнувајќи од значењето на архивскиот материјал и новитетите во законските и подзаконските акти кои го регулираат канцелариското и архивското работење, до низа процеси и неопходни техники кои ги подразбира приемот, одбирањето, евидентирањето, чувањето и ракувањето со архивскиот и документарниот материјал.

Обуката беше посетена од повеќе од 30 учесници и во текот на истата, покрај опширните излагања во три сесии од страна на д-р Ангеловски, беше развиена дискусија за конкретните проблеми, дилеми и недоумици со кои се соочуваат професионалците од областа. Посебно внимание беше посветено на одредени пропусти и грешки во работењето на имателите на архивски материјал со решенија за нивно надминување. Високиот интерес за обуката беше оценет не само преку големата посетеност, туку и преку квалитетот на дискусиите и оценките/коментарите на учесниците. Ова нè охрабрува и понатаму да ги развиваме и специјализираме програмите за обучување и надградување на знаењата и вештините кај професионалците кои се нови или поискусни во оваа работа.

За одличните резултати на обуката, тимот на Симпозион упатува благодарност до предавачот и учесниците, како и до хотелот „Сити парк“ и фотографот Огнен Ацевски кои го збогатија искуството.

На обуката беше промовирана и книгата „Канцелариско и архивско работење“ од д-р Ацо Ангеловски, прво издание на Симпозион, кое е вистинска ризница на одговори за сите дилеми и недоумици од оваа област. Книгата ги покрива сите практични нужности, важни процедури и законски обврски поврзани со уредувањето и водењето на документарниот и архивскиот материјал, ползувајќи се со професионалното и академско знаење на авторот, како и неговото долгогодишно искуство од областа. На повеќе од 200 страници, направен е темелен преглед на сите фази во работата со архивскиот материјал, а споделени се и многубројни конкретни примери, упатства, формулари и законски цитати како есенцијални алатки за педантно и ажурно управување со архивскиот материјал. Ова издание е жива адреса на која може да се упатуваат сите прашања и недоумици поврзани со проблематиката на канцелариското и архивското работење. Книгата е усовршена со вештиот дизајн и техничка обработка на Cherry Cannon, што ја прави дополнително практична за користење. Достапна е за набавување по цена од 2.290,00 денари.

Повеќе слики од обуката можете да видите на Facebook страната на Симпозион.