Успешна работилница за антикорупцијата во јавниот сектор

Архива

Со одлична посетеност и во квалитетна работна атмосфера помина интерактивната работилница на тема „Годишен план за спречување на корупција“ што Симпозион ја спроведе на 3 јуни, на отворено, на брегот од Велешкото Езеро. Работилницата беше осмислена и подготвена за стручно да го разработи и претстави носењето на Годишен план за спречување на корупцијата од страна на институциите. Со оглед на фактот дека изработката на Планот претставува обемна, комплексна и одговорна работа, но и моќна превентивна алатка во антикорупциската борба, која треба да ја измени перцепцијата за борбата против корупцијата, се обидовме и успеавме да ги пренесеме клучните знаења и искуства потребни за да му се пристапи на овој актуелен предизвик со максимално ниво на сериозност, информираност и разбирање на општествените, инситутуционалните, етичките и нормативните контексти.

Како слушатели се јавија вработени и раководни лица од низа јавни институции, но и солиден број претставници на приватни правни субјекти, заинтересирани за новиот механизам за борба против корупцијата во работењето на јавните институции, кој беше разработен во подробност, со соодветен вовед и преглед на конкретни содржини, модели и специфични случаи од предметната област. Високата посетеност и вниманието на аудиториумот покажа дека и во јавниот и во приватниот сектор постои интерес за одржување на високо ниво на деловна етика во работењето и за разработка на конкретни и ефективни стратегии и механизми за спречување на корупцијата.

Пристапот на предавачот, м-р Цвета Ристовска, атмосферата на местото на работилницата, ресторанот „Бела вода“, и организацијата на тимот на Симпозион беа високооценети од страна на присутните, а беше демонстриран интерес и за идни едукативни настани во областа на антикорупцијата, како и за меѓуинтитуционална соработка, натамошна стручна подоготовка на одговорните лица и инволвирање експерти во подготовката и спроведувањето на Годишниот план за спречување корупција.

За атмосферата на обуката одлично зборуваа и малата фото-галерија од настанот, изведена од страна на Моментс Продукција. Ве покануваме да ја разгледате и да земете учество на следните обуки и работилници што ќе ги организира Симпозион.