Четврта обука во „Тиквеш“: Законот за облигационите односи и договорите јавни набавки

Архива

И овој четврток, тимот на Симпозион пречека нова група учесници во винската визба „Тиквеш“ на интерактивна професионална обука, овојпат на тема „Законот за облигационите односи и договорите јавни набавки“ – претпоследна во серијата „Визби на вино и знаење“ за месец февруари. Обуката придонесе кон развивањето на знаењата и способностите кај вработените во областа на јавните набавки од повеќе договорни органи од земјата и тоа во делот поврзан со повредите на постапките за доделување на јавни набавки и механизмите на правна заштита, како и примената на Законот за облигационите односи.

Автори на концептот и обучувачи беа м-р Маја Малахова, актуелна претседателка на Државната комисија за жалби по јавни набавки и проф. д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. Обуката овозможи одличен спој на теоријата и праксата: од една страна, во првиот дел, Малахова се осврна на поважните прашања од оваа проблематика влечејќи од своето огромно искуство од праксата, а од друга страна, професорката Дабовиќ-Анастасовска со својата експертиза во Законот за облигационите односи ги дообјасни аспектите директно поврзани со законската регулатива.

Сосема заслужено, по работните сесии, учесниците се релаксираа за време на винската тура низ визбите на винаријата „Тиквеш“, предводена од еден од нивните искусни водичи. Најпосле, денот го крунисавме со дегустација на три Special selection вина, во комбинација со деликатните вкусови на ручекот.

Последната обука од серијата „Визби на вино и знаење“ ќе се одржи на 28.02.2018, а повеќе информации може да прочитате на следниов линк.