Рутината на секојдневните обврски во секоја професионална дејност знае да натежне во одреден момент, правејќи го соочувањето со работните предизвици монотоно и напорно. Затоа, при креирањето програма за надоградба на професионалните знаења и вештини, сметаме дека подеднакво важно е квалитетните работни содржини повремено да се комбинираат и со можност за промена на секојдневната средина и интензивирана дружба со колегите.
Земајќи го предвид токму ваквиот пристап, тимот на Симпозион ја осмисли програмата за дводневна работилница од областа на јавните набавки во Софија, Р. Бугарија, а истата успешно ја реализира во периодот од 15 до 17 ноември 2018 г. Работилницата со наслов „Најчести прашања и проблеми во јавните набавки наспрема предизвиците што произлегуваат од новините што следуваат“ се фокусира на разгледување и дискусија на различни аспекти од примената на одредбите на Законот за јавни набавки, како и новините кои се очекуваат во него. Учество зедоа максимален број учесници, а високиот интерес беше пресретнат со корисни содржини и придружна програма, кои не ги изневерија очекувањата.
По пристигнувањето и сместувањето во хотелот „Simona Art Hotel“, првиот ден го започнавме со работна сесија, на која беа разработени некои најчести пропусти при спроведувањето на постапките за јавни набавки, како и совети за нивно избегнување, водена од дипл. екк. Тања Пешевска и м-р Рита Глигоријевска. Потем заеднички се упативме на вечера во локалниот традиционален ресторан „Хаџидрагановите визби“.
Вториот ден го започнавме релаксирано, со разгледување на градот предводено од локален водич. Учесниците имаа можност да научат интересни податоци за најубавите знаменитости на Софија. По заедничкиот ручек, го започнавме и работниот ден со излагањето на м-р Рита Глигоријевска за новините кои се планираат со претстојната реформа на Законот за јавни набавки. Додека, пак, м-р Маја Малахова се осврна на планираните новини во однос на правната заштита. Интензивниот работен ден го заокруживме со заедничка дружба и вечера во ресторанот „Воденица“, со инзвонредни традиционални јадења, во автентичен амбиент и тоа сместен во една од најубавите бугарски планини, Витоша.
Задоволни од заеднички сработеното, со нови идеи и контакти и со високи оценки на листовите за евалуација, третиот ден се упативме назад кон Скопје, а попатно ја реализиравме и планираната посета на трговските центри PARADISE CENTER, RING MALL и DECATHLON.
Обуката, од својот организациски почеток до крајот, беше успешно реализирана во одлична соработка со туристичката агенција Травити, во која препознавме соодветни стандарди во професионалниот третман на предизвиците.
Тимот на Симпозион срдечно им се заблагодарува на сите што зедоа учество и придонесоа во одличната дружба и напорната работа. Остануваме постојано отворени за ваши предлози и идеи за тоа како да ја подобриме нашата понуда и услуги кон вас во иднина.
Ве покануваме да се информирате за претстојните семинари, последни во серијата за 2018 година и тоа на тема:
- од областа на архивистиката: Најчести грешки и пропусти во канцелариското и архивското работење и новините што претстојат во оваа област
- од областа на енергетиката: Интегрирано одржливо планирање на урбаните средини