Минатата среда, на 15 септември, Симпозион додаде уште една исклучително успешна работилница во низата специјализирани едукативни настани посветени на јавните набавки. Во комфорната атмосфера на винаријата „Тиквеш“ во Кавадарци, три работни сесии беа посветени на предизвиците од практиката во сите фази од спроведувањето на постапките за јавни набавки, со оглед на тоа што оваа практика во изминатиот период покажува дека сè уште постојат низа слабости, и покрај воведувањето на новиот Закон за јавни набавки, со кој се постигна значително подобрување на законската регулатива во оваа клучна област во работењето на јавните институции и приватните фирми, кои се јавуваат како двете клучни страни во процесот на јавно набавување – договорни органи и економски оператори.
Под насловот „Добра регулатива, обучени лица, а слабости во практиката – каде грешиме“, работниот дел од денот го посветивме на низа важни теми, како подготовката и спроведувањето на постапката за ЈН, во сесијата што ја водеше м-р Александар Аргировски, државен советник во Бирото за јавни набавки. За електронскиот систем за јавни набавки предаваше м-р Марија Јовановска, раководител на Секторот за следење на системот за јавни набавки и управување со ЕСЈН во Бирото за јавни набавки. Сесијата за управувањето со договорите за јавни набавки, пак, ја водеше м-р Рита Глигоријевска, раководител на Секторот за нормативна дејност, обуки и меѓународни односи во Бирото за јавни набавки. Беше вистинска привилегија да се состави ваков тим од предавачи, кои освен што имаат долгогодишно искуство во областа регулацијата, организацијата и практиката на јавните набавки, се автори на исклучително полезната книга „Практичен водич низ јавните набавки“ што претставуваше дел од пакетот на овој едукативен настан на Симпозион. Покрај изобилството квалитетни и корисни информации и илустративни примери за споменатите елементи на јавните набавки, на работилницата се разви и богата и квалитетна дискусија, која придонесе кон разјаснување на важни проблеми од практиката на јавните набавки и заемно збогатување на личното знаење меѓу учесниците од приватниот и јавниот сектор.
Сите присутни на работилницата, покрај примероците од споменатото издание, материјалите од обуката и сертификати за учество, по крајот на настанот, добија и можност да се запознаат со тајните на најдоброто македонско вино, како дел од организираната посета на винаријата „Тиквеш“. Учествувавме во екстензивна прошетка низ визбите, производствениот оддел и депоата на винаријата, каде што вински водич ни ја претстави историјата на винаријата, потеклото на грозјето, начинот на производство, чување и созревање на вината. Како гости токму на денот кога се вршеше откуп на винската сорта смедеревка, имавме прилика да го погледнеме процесот на носење, прием, проверка на шеќерноста и процесирање на грозјето, а потоа ги посетивме подрумите и винската архива на најстарата винарија во регионот, каде што се чуваат и созреваат десетици видови вина од различните традиционални, класични и специјални вински програми на „Тиквеш“. По прошетката, следуваше ручек со вина и специјалитети од кујната на „Тиквеш“ на новата летна тераса на винаријата.
Овој настан на Симпозион доби највисоки оценки во сите точки на спроведената евалуација, содржински и логистички, што ни покажа дека постои терен за натамошно ширење и развивање на работното поле на ваквата специјализирана едукација. За атмосферата и искуството на самата работилница убаво говори и малата фото галерија од настанот направена од Моментс Продукција.
За да бидете во тек со идните обуки и работилници што ќе ги организира Симпозион, следете го нашиот сајт и нашата Facebook страница. Остануваме посветени на препознавање на Вашите професионални потреби и пренесување внимателно одбрано знаење.