Визби на вино и знаење

Едукација

Во пресрет на месецот на виното, љубовта и знаењето, Симпозион со особено задоволство Ви го најавува почетокот на серија стручни обуки и семинари под називот Визби на вино и знаење, која во текот на февруари ќе се одвива во винаријата „Тиквеш“ – Кавадарци. Внимателно одбраното знаење од адресираните области, несебично споделено од низа авторитети, ќе биде зачинето со уживањето во убавините на светот на виното. Духот и карактерот на тиквешкото поднебје ќе бидат искусени преку екстензивна прошетка со водич низ историските вински визби и дегустацијата на врвните вина на „Тиквеш“. Совршено приготвената храна, пак, ќе ја обогати оваа февруарска гозба со вино и знаење.

Преземете го пријавниот лист за долуведените обуки.
Во продолжение следат детали за обуките:

Обука бр.1
Тема на обуката:ДИЛЕМИ, ПРАШАЊА И ОДГОВОРНОСТ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ ПРИ ЕВЛУАЦИЈА НА ПОНУДИТЕ ВО ПОСТАПКИТЕ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ДОГОВОРИ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ
Датум и место на одржување:1 февруари, во Винарска визба „Тиквеш“ – Кавадарци
Краен рок за пријавување:30 јануари, 2018 год.
Предавачи:Татјана Пешевска дипл.екк. – Раководител на внатрешна ревизија, Овластен државен ревизор, меѓународно Сертифициран (CIPFA) внатрешен ревизор, Сертифициран обучувач за јавните набавки.

Ирена Стоименова, дипл.екк. – Раководител на Служба за изработка и следење на ГИП, сертифициран обучувач за јавните набавки.

Краток опис на обуката:

Клучна фаза при спроведувањето на постапките за доделување на договори за ЈН е токму евалуацијата на понудите со сите нејзини составни елементи согласно одредбите од Законот за јавни набавки, а се со цел донесување правилна Одлука за избор на најповолна понуда или Одлука за поништување на постапката за ЈН. Во оваа фаза најзасегната е Комисијата за јавни набавки бидејќи со себе ја носи одговорноста за правилно спроведена евалуација на понудите, евентуално активирање на негативна референца и конечно давање предлог за избор на најповолна понуда или предлог за поништување на постапката за ЈН. Неправилната евалуација на понудите за членовите на Комисијата за јавни набавки резултира соодветни казнени одредби согласно Законот за јавни набавки и кривична одговорност согласно Кривичниот законик.  Оттука, целта на оваа интерактивна обука е практична разработка на секој поединечен елемент во евалуацијата на понудите со разјаснување на детални прашања и дилеми произлезени од конкретни видови постапки за доделување на договори за ЈН.

Преземете ги официјалната покана и агендата за обуката.

Обука бр.2
Тема на обуката:ПРАВИЛНА ПРИМЕНА НА НОВИТЕ ОДРЕДБИ НА ЗАКОНОТ ЗА ОПШТА УПРАВНА ПОСТАПКА И НИВНО ПОВРЗУВАЊЕ СО ЗАКОНОТ ЗА УПРАВНИ СПОРОВИ
Датум и место на одржување:8 февруари во Винарска визба „Тиквеш“ – Кавадарци
Краен рок за пријавување:6 февруари, 2018 год.
Предавачи:Д-р Борче Давитковски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје при УКИМ

Д-р Ана Павловска-Данева, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје при УКИМ

Краток опис на обуката:

Законот за општата управна постапка (ЗОУП) е општ, генерален закон кој претставува еден вид кодификација на општите правила за водење управни постапки, чија примена е задолжителна за сите вработени во јавниот сектор: административните (државни) службеници во централните органи на државната управа и во единиците на локалната самоуправа, за давателите на јавни услуги во здравството, образованието, социјалната заштита, културата, науката и другите области, за вработените во јавните претпријатија, како и за вработените во трговски друштва и невладини организации на кои им е доверено вршењето јавни овластувања.

„Новиот“ ЗОУП е донесен во 2015 година кој започна со примена во 2016 година. Сепак, одредени негови одредби во практиката се применуваат тешко или пак воопшто не се применуваат. Ваквата состојба предизвикува потреба од сериозни и продлабочени обуки за новините во ЗОУП и нивната правилна и доследна примена со цел да се постигне воедначена пракса во неговата примена.

Од (не)правилната примена на одредбите на ЗОУП во најголема мера зависи (не)законитоста на решението или актот со кој резултира постапката што ја водело службеното лице. Незадоволството на странките од донесените акти, понатаму се префрла на „теренот“ на Законот за управните спорови (ЗУС) со поведувањето на управен спор пред Управниот суд. Во оваа постапка веќе важат правилата за судско постапување утврдени со ЗУС-от кои се застарени и нивната примена во пракса не ги задоволува интересите на граѓаните, ниту пак јавниот интерес. Потребен е и наскоро ќе почне да се подготвува нов ЗУС, чиишто идни содржини и идејни решенија ќе бидат изнесени и дискутирани со слушателите на обуката.

Преземете ги официјалната покана и агендата за обуката.

Обука бр.3
Тема на обуката:АКТУЕЛНИ ПРАШАЊА ВО ПРАКСАТА И РАБОТЕЊЕТО НА ОВЛАСТЕНИОТ ОРГАН ЗА ПОВЕДУВАЊЕ ПРЕКРШОЧНА ПОСТАПКА И ПРЕКРШОЧНИОТ ОРГАН ОД АСПЕКТ НА ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ВО ВТОР СТЕПЕН ОД ОБЛАСТА НА ИНСПЕКЦИСКИОТ НАДЗОР И ПРЕКРШОЧНАТА ПОСТАПКА
Датум и место на одржување:15 февруари, во Винарска визба „Тиквеш“ – Кавадарци
Краен рок за пријавување:12 февруари, 2018 год.
Предавач:Љубомир Јорданов – генерален секретар во Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Краток опис на обуката:

Со обуката ќе се опфати текот на прекршочната постапка, поточно од утврдување на прекршокот од страна на овластените службени лица, преку прекршочниот орган и Државната комисија, до судската постапка пред Управниот и Вишиот управен суд.

Теми кои се опфатени со обуката се: прекршочна одговорност; прекршочни санкции (за физички лица и  за правни лица); забрзани постапки; констатирање на прекршок (постапка која ја спроведува овластениот орган, односно службеното лице за поведување на прекршочна постапка); постапка пред прекршочен орган; жалба и постапка пред Државната комисија, управен спор против одлуката на Државната комисија (судска заштита).

Обуката е наменета за сите субјекти кои се вклучени во прекршочната постапка пред прекршочните органи и тоа:
– државните органи, органите на државната управа и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции,   и
– надлежните органи овластени за поведување на прекршочна постапка.

Преземете ги официјалната покана и агендата за обуката.

Обука бр.4
Тема на обуката:ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ДОГОВОРИТЕ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ
Датум и место на одржување:22 февруари, во Винарска визба „Тиквеш“ – Кавадарци
Краен рок за пријавување:19 февруари, 2018 год.
Предавачи:Проф. д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје при УКИМ и

М-р Маја Малахова, претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки

Краток опис на обуката:

Примената на Законот за облигационите односи и заштитата на страните и нивните права и обврски во парнична постапка пред редовните судови на договорите за јавни набавки, настапува од моментот на стапување во сила на договорот или произведување на правно дејство помеѓу договорните страни на договорите за јавни набавки.

Преку оваа обука учесниците ќе имаат можност да се едуцираат за примената на Законот за облигациони односи во договорите за јавни набавки, при што вниманието посебно ќе биде насочено кон добивање одговор на следниве прашања: 1) дали тендерската документација води кон задолжително склучување на договорите и дали постои можност да не се склучи договор за јавнa набавкa; 2) што е тоа пред–договор, а што модел на договор; 3) кои се правата и обврските на договорните страни и кој е ризикот-правните последици во случај кога не се исполнуваат договорните обврски; 4) дали договорите за јавни набавки можат да содржат извршна клаузула; 5) како се толкуваат договорите и посебно договорите за јавни набавки; 6) кога може да се направи нотификација или приговор за неправилно исполнување или неисполнување на договор; 7) кога може да дојде до раскинување на договор поради неправилно исполнување или поради неисполнување на договорот; 8) кога може да дојде до раскинување или измена на договорот поради променети околности; 9) што е тоа невозможност за исполнување на договорот и какви се правните последици; 10) кога се активира банкарска гаранција; 11) за кои обврски и кога тече казнена камата; 12) дали е можно пребивање (компензација) кај договорите за јавни набавки; 13) дали институтот отпуштање на долг може да се примени кај договорите за јавни набавки; 14) што е тоа застареност и кога настапува; дали е можно отстапување на побарување (цесија) кај договорите за јавни набавки; 15) каква е одговорноста за материјалните недостатоци и кои се обврските од гаранцијата за исправно функционирање на испорачаните стоки; 16) кои се начините за престанување на договорот за јавнa набавкa; 17) што е тоа договор за контрола на стоки и услуги.

Преземете ги официјалната покана и агендата за обуката.

Обука бр.5
Тема на обуката:ОСНОВИ НА КАНЦЕЛАРИСКО И АРХИВСКО РАБОТЕЊЕ
Датум и место на одржување:28 февруари, во Винарска визба „Тиквеш“ – Кавадарци
Краен рок за пријавување:23 февруари, 2018 год.
Предавач:Ацо Ангеловски, д-р на историски науки – доцент по научните дисциплини архивистика и документација
Краток опис на обуката:

Целта на обуката е да се збогати искуството и професионалноста во работењето во оваа област, кои се условени од доследното почитување на правната регулатива, како од страна на имателите, така и од архивите – процес регулиран со Законот за архивскиот материјал (ЗАМ), како и од техниките во канцелариското и архивското работење: од приемот на документите до предавањето на архивскиот материјал на надлежниот архив.

Преземете ги официјалната покана и агендата за обуката.

На обуката, учесниците ќе имат ексклузивна можност да ја обезбедат книгата „Канцелариско и архивско работење“ од д-р Ацо Ангеловски, во издание на Симпозион, со попуст од 10%, односно по цена од 2.061,00 денари + 5% ДДВ. Книгата има за цел да го олесни работењето во оваа област, притоа изобилувајќи со примери од праксата. Преземете го образецот за нарачка на книгата.

Ве молиме пополнетите пријави за учество да ги испратите на: info@simpozion.mk
За сите дополнителни прашања, слободно контактирајте нè на тел. 078 271 576 или преку официјалната имејл адреса.

Прочитајте повеќе за винарската визба „Тиквеш“ во продолжение.



Винарската визба „Тиквеш“ спаѓа меѓу ретките винарници кои нудат огромна разновидност за посетителите што ќе одберат да ја запознаат одблизу. Посетата на винарницата започнува со 30-минутна прошетка за запознавање на начинот на производство и технологијата која „Тиквеш“ ја применува во создавањето на своите уникатни вина. Современата опрема за производство ги отсликува неодамнешните инвестициски зафати и визијата за развој на винарницата, додека секој поединечен дел од дабовите буриња сместени во винскиот подрум раскажува за изминатите берби, предизвиците и успесите кои ја градат фасцинантната приказна за „Тиквеш“.

Посетителите ќе ги откријат тајните на мајсторите за вино на винарницата со најдолга традиција во овој дел од Европа и ќе уживаат во примамливи комбинации на храна и вино.



Меѓу тајните што ги крие винскиот подрум е и архивата на стари вина кои датираат од ’50 години на минатиот век. Патината која ги прекрива шишињата сместени во неа ја откриваат историјата на винарницата, но и на целокупниот регион. Илјадниците стари шишиња складирани во нашата архива сведочат за одличните берби низ годините. Тие се воедно и инспирација за многу приказни од минатото, за значајни настани и години, за познати личности поврзани со винарската визба „Тиквеш“. При посетата на винарницата, ќе имате можност да слушнете дел од нив.



По едукативните сесии и винската прошетка, следува ручек до дегустација на вина во прекрасниот амбиент на ресторанот на „Тиквеш“. Креативно подготвените специјалитети од домашната и интернационалната кујна ќе ги задоволат сите сетила на посетителите што ќе изберат да поминат незаборавни моменти во автентичниот ресторан.