Прва обука во „Тиквеш“: Евалуација на понудите во постапките за доделување договори за ЈН

Архива

Визбите на вино и знаење, серијата еднодневни обуки кои во текот на февруари Симпозион ги организира во винската визба „Тиквеш“ – Кавадарци, се отворени. На 1 февруари (четврток) ја остваривме првата обука под наслов „Дилеми, прашања и одговорност на комисијата за јавни набавки при евалуација на понудите во постапките за доделување договори за ЈН“.

Обуката, која ја стави во фокус фазата на евалуацијата на понудите, како клучна фаза при спроведувањето на постапките за доделување договори за ЈН, со сите нејзини составни елементи согласно одредбите од ЗЈН, беше реализирана преку практична разработка на секој поединечен елемент во евалуацијата на понудите со разјаснување на детални прашања и дилеми произлезени од конкретни видови постапки за доделување на договори за ЈН. Истата беше водена од обучувачи со долгогодишно искуство и експертиза во областа на јавните набавки и поврзаните професионални домени. Преку излагањата и дискусиите беа споделени знаења нужни за обезбедување сигурност во реализација на обврските при евалуација на понудите согласно постоечките законски одредби, која особено ја засега работата на комисиите за јавни набавки.

По стручниот едукативен дел, како важен елемент од агендата на обуката, беше организирана екстензивна прошетка низ визбите на винаријата „Тиквеш“, низ која винскиот водич ја претстави историјата на винаријата, потеклото на грозјето, начинот на производство, чување и созревање на различните видови вино и ракија, карактеристиките на богатството дабови буриња и бочви и исклучително богатата винска архива на „Тиквеш“ – вистинска реткост и уникатно место во поширокиот регион. Винската визба е најстара и најбогата во Источна Европа и под патината на вековите крие многу приказни проткаени со мириси и вкусови кои овозможуваат патување низ времето.

Целодневниот настан заврши со кулинарските мајстории на винарскиот ресторан и дегустација на сортните вина на Тиквеш. И овде не изостана едукативната димензија, со тоа што дегустацијата беше проследена со опширен опис на потеклото на дегустираните вина и совети за соодветно послужување и консумација на виното од страна на тиквешките вински зналци.

Секоја обука од серијата „Визби на вино и знеање“ е тематски независна од другите, а рокот за останатите четири е сè уште во тек. Ве покануваме овде да ги разгледате останатите предвидени обуки и ве охрабруваме да испратите пријава за учество на истите. Месецот на виното и знаењето тукушто почна, а портите на визбите што ги чуваат се отворени.

Повеќе слики од обуката можете да видите на нашата Facebook страна.