Успешно реализиран дводневен семинар во Белград

Архива

Од 21 до 23 септември во хотелот „Queen’s Astoria Design“ – Белград, во организација на Симпозион, беше успешно реализиран семинарот на тема: „Управно-правни аспекти во постапките за јавни набавки; најчести повреди на ЗЈН од искуството на ДКЖЈН; пракса и препораки за правилна примена на ЗЈН; е-набавки“.

Во фокусот на овој семинар беа дилемите и прашањата со кои најчесто се соочуваат договорните органи при практикувањето на јавните набавки. Долгогодишнoто искуство на предвачите во областа на јавните набавки беше несебично споделено со учесниците преку интерактивна дискусија во насока на подобрување на нивното работење, а беа дадени и препораки и совети за правилна примена на ЗЈН.

На семинарот беа презентирани и можните промени во регулативата за јавните набавки според препораките на ЕУ во насока на надминување на актуелните проблеми.

Семинарот го опфати и Законот за општа управна постапка кој има паралелна примена со ЗЈН. Имено, беа презентирани делови од ЗОУП кои се однесуваат на правилното спроведување на постапките за доделување на договор за јавна набавка, договорот за јавна набавка како управен договор, можноста за измена и раскинување на управниот договор и примената на ЗОУП во жалбена постапка.

На семинарот беше пренесено и досегашното искуство на ДКЖЈН во врска со детектирање на најчестите повреди и грешки кои ги прават ДО при спроведување на постапките за јавни набавки кои се основ на изјавување на жалби.

Со оглед на тоа дека ЗЈН ја интензивира потребата од примена на е-набавките во идниот период, на семинарот беа презентирани најчестите грешки кои се прават кај е-набавките и совети за нивно надминување, а стана збор и за новините кај е-набавките.

На крајот од едукативните сесии, спроведовме евалуација меѓу учесниците, која, на наше огромно задовлство, даде одлични резултати. Опфатените содржини и стекнатите знаења од семинарот ги задоволија очекувањата на учесниците, а беа дадени и сугестии за иден развој на тематските и организациските аспекти на идните семинари и обуки.

По ефективна обука во областа на јавните набавките и управната постапка, вториот ден од семинарот беше заокружен со заедничка дружба на учесниците и предавачите во кафеаната „Два јелена“ во Скадарлија, под звуците на староградската белградска музика и во синергија со богатата чаршиска храна, дружба и култура.

Земајќи го предвид големиот интерес за семинаров, Симпозион планира во наредниот период да спроведе уште еден семинар од сличен карактер во некоја од европските метрополи. Следете ја нашата веб страна за да ги дознаете новостите!