Успешно реализиран дводневен семинар од областа ЈН во Дојран

Архива

Oд 16-18 март во „Хотел Романтик“во Стар Дојран, во организација на Симпозион, беше успешно реализиран семинарот на тема: „Управно-правни и кривично-правни аспекти на постапките за јавни набавки; новини во спроведувањето на е-набавките; најчести проблеми во постапките за ЈН и реализација на договорите“, наменета за договорни органи и економски оператори.

Семинарот беше воден од правни експерти, професори кои се автори на законската регулатива што беше предмет на семинарот и сертифицирани обучувачи за јавни набавки со долгогодишно практично искуство.

На семинарот беше разработена една многу интересна тема која посебно ги засега договорните органи, имено, битните повреди на ЗЈН кои се основ за примена на казнените одредби и процесната имплементација на казнените одредби, како и делови од Законот за општа управна постапка кои се однесуваат на правилно спроведување на постапките за доделување на договор за јавна набавка.

Освен ова, на семинарот беа објаснети и разработени најчестите проблеми при реализација на склучените договори по спроведени постапки за јавни набавки, согласно целите дефинирани во Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, а дел од семинарот беше посветен и на значајните функционалности во спроведувањето на е-набавките кои можат да ги користат и ЕО и ДО, како и на последните новини и подобрувања на ЕСЈН.

Едукативните сесии ги водеа предавачките:
Ирена Стоименова, дипл. екк., сертифициран обучувач за јавните набавки.
Гордана Бужаровска, д-р на правни науки, еден од авторите на Законот за кривичната постапка
Маја Малахова, м-р на правни науки, претседателка на Државната комисија за жалби по јавни набавки
Ана Павловска-Данева, д-р на правни науки, еден од авторите на Законот за општа управна постапка
Татјана Пешевска, дипл. екк., сертифициран обучувач за јавните набавки.

На крајот од семинарот, спроведовме евалуација меѓу учесниците која, на наше огромно задовлство, даде одлични резултати. Опфатените содржини и стекнатите знаења од семинарот ги задоволија очекувањата на учесниците, при што посебно беше потенцирано задоволството од стручноста, квалитетот и методолошкиот пристап на предавачите.

Со одлично сончево време, покрај водите на заводливото Дојранско езеро дружбата одеше лесно. Во текот на третиот ден, учесниците имаа можност и за организирана посета на Солун, Грција, со која ја заокруживме одличната соработка и дружење од претходните неколку дена.

Земајќи предвид дека имаше голем интерес за семинаров, Симпозион планира да спроведе уште еден семинар од сличен тип во Белград во месец мај. Следете ја нашата веб страна за новости!