2018 – година на раст и нови успеси за Симпозион

Архива

Во годината што изминува, заедно со вас, Симпозион оствари значаен исчекор во областа на професионалната едукација и поврзаните интелектуални услуги. Преку континуирана соработка со експерти, преку сериозно следење на Вашиот фидбек и заемен дијалог, резултатите годинава ги надминаа нашите почетни цели.

Остваривме 25 отворени интерактивни семинари и обуки, на кои се разработија содржини од повеќе од 10 различни тематски области.

Понудивме разновидност во пристапите на едукативните програми, како и на локациите и придружната програма за време на семинарите.

Ја имавме честа да се запознаеме и да соработуваме со исклучително квалитетни и инспиративни професионалци. Засведочивме како од идеи заеднички доаѓаме до реализирани активности од кои што нашите колеги си заминуваа задоволни.

Не само што искуствата од 2018 г. претставуваа успех на оперативен план, туку и ни помогнаа да созрееме и да се развиеме како тим. Благодарни сме ви Вам.

Со еднаков професионален интегритет и посветеност и со уште поголема инспирација, во годината што доаѓа продолжуваме заедно со вас да го зацврстуваме и да го надградуваме веќе постигнатото.

Годината ја отворивме со февруарската едукативна сезона „Визби на вино и знаење“ во прекрасниот амбиент на винаријата „Тиквеш“.

Плодна дискусија за подготовката на реформите во јавните набавки водевме во Суботица, Р. Србија, каде што, по опширните работни сесии, поминавме незаборавни мигови во салашите, винариите и во разглед на прекрасниот војводински град и неговата околина.

Есенската едукативна сезона ја отворивме со серија обуки во убавиот амбиент на хотелот „Сириус“ во Струмица.

На крајот од есенската едукативна сезона, уште еднаш ја скршивме рутината со исклучително успешната дводневна работилница во Софија, Р. Бугарија, која понуди можност за квалитетна дружба и темелно претресување на проблематиката од јавните набавки, со најстручните луѓе од фелата во Македонија.

Обуките и тематските работилници на Симпозион од областа на јавните набавки дадоа огромен придонес во областа, меѓу другото и преку овозможување плодни дискусии и дијалог помеѓу практичарите и креаторите на претстојниот Закон за јавни набавки.

Во 2018 година, Симпозион ја прошири соработката и во нови области: внатрешна ревизија, заштита на личните податоци, теми од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, како и оценување на административните службеници се само дел од нив.