Практичен водич низ јавните набавки

Книги

Со задоволство Ви го претставуваме најновиот труд од областа на јавните набавки – „Практичен водич низ јавните набавки“, во авторство на Рита Глигоријевска, Марија Јованоска, Александар Аргировски и Горан Давидовски.

Донесувањето на актуелниот Закон за јавните набавки овозможи осовременување на нашиот систем на јавни набавки. Временскиот период што измина од отпочнувањето на примената на Законот иако е релативно краток, сепак е доволен за да се дадат посеопфатни согледувања во однос на предностите и предизвиците од новите законски решенија. Се разбира, ниту еден закон не може и не ги уредува сите ситуации кои може да се јават во практика, па така ни овој, пред сè поради фактот дека јавните набавки се сложена и динамична материја.

Сепак, имајќи ја предвид содржината и сеопфатноста на овој труд, убедени сме дека ќе послужи како алатка што ќе Ви ја олесни примената на Законот и ќе Ви биде добра основа да добиете одговор на бројни прашања што Ви создаваат одредени дилеми или недоумици.

Овој водич е напишан на едноставен јазик, со цел да даде јасен приказ на правилата и на најдобрите практики поврзани со различните фази од процесот на набавка, и тоа: од планирање, изработка на тендерска документација и техничка спецификација, евалуација и избор на најповолна понуда, доделување договор за јавна набавка, сè до фазата на управување со договорот. Тој содржи коментари и препораки за примена на одредбите од законот, одговори на прашањата и дилемите со кои договорни органи и економски оператори се сретнале во досегашната практика, детални инструкции за користење на Електронскиот систем за јавни набавки, со слики и упатства кои се лесно читливи и кои може да им користат и на почетниците во оваа област.

Ги охрабруваме сите директно или индиректно инволвирани во јавните набавки да го набават овој практичен водич, кој е дизајниран за да послужи како алатка за практичарите и како општ референтен документ за понудувачите.

Со оглед на фактот дека јавните набавки претставуваат инструмент преку кој се остваруваат одредени општествени цели (како на пример: развојот на пазарната економија преку поттикнување на конкуренцијата и учеството на малите и средни претпријатија, спречување на корупцијата и судирот на интереси преку воспоставување на низа правила и мерки, заштитата на животната средина преку поттикнување на иновативноста, поттикнување на социјалното претприемништво и сл.), очекуваме овој практичен водич да биде од интерес и за академската јавност, за невладиниот сектор, кој будно ја следи состојбата во нашата држава, како и за сите лица чие работење е во допир со јавните набавки.

Ценејќи ја репутацијата, професионалните знаења и вештини на авторите, Ви го препорачуваме овој водич кој изобилува со квалитетни и корисни информации за јавните набавки.

Ве молиме пополнетиот образец за нарачка на книгата „Практичен водич низ јавните набавки“ да го испратите на: info@simpozion.mk, по што книгата ќе ви биде испорачана на адресата наведена во Образецот за нарачка.