Одлична реализација на специјализираната работилница за евалуацијата на понудите во постапките за ЈН

Архива

На 8 јуни, на брегот од Велешкото Езеро, Симпозион успешно спроведе уште една во низата специјализирани работилници посветени на јавните набавки, со посебен фокус на евалуацијата на понудите, како нивен исклучително сензитивен и значаен сегмент. Насловен „Евалуација на понудите при спроведување на постапките за ЈН“, овој едукативен настан собра на едно место многумина стручни лица кои секојдневно на своите работни места, во институциите на државата, јавните претпријатија и приватните фирми, се вклучени како одговорни лица за јавните набавки. Како предавачи се јавија м-р Рита Глигоријовска и Татјана Пешевска, кои несебично го споделија своето продлабочено знаење и долгогодишно искуство во сите теми што ги имплицираше зададениот наслов на интерактивната работилница.

Во рамките на три работни сесии, беа понудени одговори на низа суштински прашања за евалуацијата на поднесените понуди за јавна набавка. Работилницата, која се одржа во амбиент што истовремено овозможи жива дискусија и активна размена на идеи, беше спроведена заради разјаснување и разрешување на сите дилеми и проблеми, како на економските оператори, така и на договорните органи, кои се јавуваат како резултат на евалуација на понудите. Со оглед на тоа дека се работеше за интерактивен едукативен настан, голем број учесници се впуштија во активна дискусија. Освен точките опфатени со агендата на работилницата, беа адресирани и многу други прашања и коментари, отворени од страна на претставниците на економските оператори и договорните органи.

Работилницата беше одлично оценета во сите аспекти – содржински, наставни и логистички – што ни даде јасен сигнал дека оваа тема, како и ваквите настани за стручна наобразба и професионално вмрежување имаат сериозен и квалитетен прием во нашите деловни и институционални кругови. Малата фото-галерија од настанот што ја направи Моментс Продукција ќе ви долови неколку издвоени моменти од самиот настан.

За да бидете во тек со идните обуки и работилници што ќе ги организира Симпозион, следете го нашиот сајт и нашата Facebook страница. Остануваме посветени на препознавање на Вашите професионални потреби и пренесување внимателно одбрано знаење.