Ретроспектива: Симпозион со три извонредни мајски работилници во Будимпешта

Архива

Со задоволство гледаме назад на мај, кој беше месец на три исклучително успешни работилници, реализирани под раководство на експерти од три области во кои Симпозион специјализира – јавни набавки, финансиско работење и човечки ресурси. Трите едукативни настани беа спроведени во рамките на тридневна програма во Будимпешта, со што успеавме да обединиме висококвалитетна, внимателно разработена работна агенда со концентриран, полн со посети и искуства план на патување во амбиентот на еден од највелечинствените градови на Дунав. Програмата и агендата на работилниците, како и условите на патувањата беа оценети со највисоки оценки од страна на мнозинството учесници, што верно ја одрази нивната темелна подготовка – работните агенди беа разработени и составени со внимателно следење на најважните теми и најновите искуства во предметните области, а со истата посветеност беше подготвена и придружната програма на патување.

Во рамките на работилницата „Сите фази од процесот на јавни набавки низ конкретни прашања и одговори“ успешно учествуваше голема и квалитетна група, составена од претставници на разни економски оператори и договорни органи. Работилницата се посвети на успешното и правилното спроведување на сите фази од процесот на јавни набавки – процес кој бара практично познавање и јасно разбирање на различните елементи на тендерската постапка и на нивната меѓусебна поврзаност, процес на кој Симпозион од самиот свој почеток му посветува посебно внимание за да пренесе експертско знаење и искуство. Содржини особено ги таргетираа откриените слабости во практиката кај договорните органи и економските оператори во изминатиот период, пренесувајќи конкретни упатства и клучни искуства за нивно надминување. Врз основа на истражените предизвици и дилеми кои стојат пред професионалните лица, како централни теми беа опфатени подготовката на тендерската документација, евалуацијата на понудите, најчестите пропусти и грешки утврдени од страна на понудувачите и Државната комисија за жалби по јавни набавки, употребата на критериумот најдобар однос помеѓу цената и квалитетот и правната заштита. Симпозион продолжува да ја усовршува својата програма во оваа област и да нуди исклучително квалитетна и внимателно подготвена едукативна агенда под водство на најкомпетентните лица во областа.

Работилницата „Предизвици во примената на постојните прописи за администрација – во очекување на нови законски решенија“ собра одлична група учесници со кои беа детално разработени специфичните прашања уредени со сите засегнати закони и прописи што се однесуваат на вработените во јавниот сектор, административните службеници, работните односи и колективните договори за јавниот сектор, државната управа, стручните служби и јавните установи, општините, агенциите и другите државни органи. Под експертско водство, акцентот на предавањата и дискусиите беше ставен на примената на законите во секојдневното работење и прашањата што се однесуваат на правата и обврските на вработените во јавниот сектор. Изработка на функционална анализа, планирање на вработувањата во јавниот сектор, вработување, унапредување и мобилност во јавниот сектор, видовите вработувања (на неопределено и определено време и со полно и неполно работно време), раскинувањето на договорот за работа, отсуствата од работа поради болест или други причини, мирувањето на работниот однос – ова беа главните теми, покриени на стручен, темелен и интерактивен начин, со силна вклученост на групата. И во оваа стручна област, Симпозион продолжува да го открива најважното и најактуелното за да им помогне на своите клиенти да држат вистински чекор со тековите во својата работа.

Актуелни предизвици при проценување, евиденција и проверка на билансните позиции“ – во фокусот на работната агенда на оваа работилница беа новините во законската рамка. Во рамките на неколку работни сесии беа темелно прегледани и разработени законите за буџети, за данок на личен доход, за платежни услуги и платежни системи и за добивка. Посебен акцент беше ставен на постигнувањето точна, навремена и хронолошка сметководствената евиденција, усогласена со фактичката состојба. Проценувањето на билансните позиции, вршењето на нивна проверка и контрола, примената на сметководствени принципи и начела за евидентирање на материјални, нематеријални и средствата  во подготовка, начинот на набавка, продажба, закуп и евиденција на движни и недвижни ствари, признавањето на приходите и расходите, даночниот третман на одделни видови трошоци, надоместоци и додатоци на плата, пресметката и исплатата на патни и дневни трошоци, користењето на службени возила, користењето на средствата за репрезентација, нивниот даночен третман – сето ова беше подробно опфатено во рамките на едукативната програма, која Симпозион продолжува да ја развива за да ги пресретне идните потреби на стручните лица во секторот, кои на настанот во Будимпешта формираа голема група.

Вон рамките на едукативните сесии, секоја од трите групи учествуваше во внимателно разработена програма за посета на една од најубавите европски престолнини. Прошетките низ Будимпешта ги покрија значајните места и убавини на двата дела од градот, Буда и Пешта, како и реката која ги соединува, а програмата опфати и посета на живописното гратче Сент Андреа. Вечерното крстарење по Дунав, искусувањето на традиционалната унгарска кујна и атмосфера под звуците на унгарските чардаши и живописните глетки од неколкуте организирани прошетки низ градот, со посета на најважните точки беа високо оценети од страна на сите учесници. Централната градска локација на сместувањето и едукативниот простор идеално  се впишаа во целината на патувањето, овозможувајќи им на групите учесници да го поминат секој слободен миг во најубавиот дел од унгарската престолнина. Организацијата на патувањето беше осмислена и беспрекорно спроведена од страна на туристичката агенција Травел Тудеј. Дел од глетките споделуваме во малиот албум со впечатоци од патувањата во Будимпешта.