Одлична работа и висока посетеност на обуката за канцелариско и архивско работење

Архива

На 16 април (понеделник), во хотелот „City Park“ – Скопје, Симпозион спроведе уште една исклучително успешна и високопосетена обука во областа на канцелариското и архивското работење. Под насловот „Најчести грешки и пропусти во канцелариското и архивското работење“, д-р Ацо Ангеловски ги водеше учесниците низ едукативните сесии, кои беа надополнети со плодна дискусија.

Преку прегледување на значењето на архивскиот материјал, беше направена паралела и анализа за новитетите во законските и подзаконските акти и основните техники во канцелариското и архивското работење. Посебно внимание на обуката, благодарејќи на долгогодишното практично и теоретско искуство на предавачот во оваа дејност, беше посветено на одредени недоследности, грешки и пропусти во работењето на имателите со можни решенија за нивно надминување.

Дел од пакетот на обуката беше и книгата „Канцелариско и архивско работење“ од д-р Ангеловски, која ја добија учесниците. Се работи за издание кое е вистинска ризница на одговори за сите дилеми и недоумици од оваа област. Книгата ги покрива сите практични нужности, важни процедури и законски обврски поврзани со уредувањето и водењето на документарниот и архивскиот материјал, ползувајќи се со професионалното и академско знаење на авторот, како и неговото долгогодишно искуство од областа. На повеќе од 200 страници, направен е темелен преглед на сите фази во работата со архивскиот материјал, а споделени се и многубројни конкретни примери, упатства, формулари и законски цитати како есенцијални алатки за педантно и ажурно управување со архивскиот материјал. Изданието е жива адреса на која може да се упатуваат сите прашања и недоумици поврзани со проблематиката на канцелариското и архивското работење.

Високата посетеност, богатата вклученост во едукативната интеракција на учесниците, како и одличните оценки доделени од нивна страна се јасни сигнали дека квалитетната едукација во оваа професионална област е навистина потребна и исклучително полезна, се разбира, како и во останатите области, под менторство на најреферентните експерти, што е апсолутен приоритет во работата на Симпозион.

Следната обука на оваа тема, со д-р Ангеловски, ќе се одржи на 31 мај и наскоро ќе биде најавена.