Втора обука во „Тиквеш“: Правилна примена на новиот ЗОУП и поврзувања со ЗУС

Архива

Втората од серијата еднодневни обуки кои Симпозион ги организира во винаријата „Тиквеш“ во текот на месец февруари 2018 беше успешно реализирана на 8 февруари. Темата „Правилна примена на новите одредби на Законот за општа управна постапка и нивно поврзување со Законот за управни спорови“ обедини професионалци од повеќе државни институции, кои активно ги проследија советите на обучувачите, професорите д-р Ана Павловска-Данева и д-р Борче Давитковски.

Во текот на двете работни сесии, беше укажано на покрупните новини во Законот за општа управна постапка (ЗОУП) донесен во 2015 година, со акцент на правилното толкување на одредени одредби. Во насока на подобрување на разбирањето и воедначување на примената на ЗОУП во пракса, обучувачите дадоа корисни објаснувања на основните начела на законот. Објаснети беа елементите на поведување управна постапка, како и начините на покренување и водење управен спор, со осврт на поврзувањето со Законот за управни спорови (ЗУС).

И овојпат не изостана добрата дружба за време на едукативната тура низ визбите на најстарата винарија во Источна Европа. Научивме за процесот на производство на различните вина и ракијата, а имавме можност да ја погледнеме и богатата винска архива на „Тиквеш“. Водичот одлично се снајде со одговорите на интересните прашања, а учесниците добија и низа корисни стручни совети околу правилното чување, консумирањето и комбинирањето на вината во домовите.

Работниот ден го заокруживме со сосема заслужено опуштање во топлиот и пријатен амбиент на ресторанот при винската визба „Тиквеш“, продолжувајќи ги разговорите за време на ручекот, крај распламтениот камин. Учесниците имаа можност да научат нешто ново до самиот крај на денот: при служењето на секое од трите вина за дегустација беше споделена и приказната за сортата и начинот на негово правење.