Последната година од втората декада на нашиот век сите ќе ја паметиме како една од најнеобичните и најтешките години. Распространувањето на корона-вирусот до размери на светска пандемија ги размести сите воспоставени оски на нормалата и ги доведе во прашање речиси сите наши редовни практики, а деловниот свет го соочи со досега непознати предизвици, за кои мораше да се смислат и развијат смели и паметни решенија.
Најтешката загуба што ја донесе 2020 година, сепак, останува масовната загуба на човечки животи и се надеваме дека со претстојните пробиви на медицината ќе успееме да ја намалиме и конечно да ја прекратиме оваа загуба. Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, главната желба што Симпозион ја испраќа е токму таа: здравје и избегнување на тешкотиите предизвикани од актуелната болест, но и од сите други опасности што го демнат колективното и поединечното здравје.
Завршувајќи ја едукативната сезона за оваа година, сепак, мораме да истакнеме дека ударот на пандемијата, освен врз здравствениот систем, беше исклучително силен и врз глобалната и националната економија. Под исклучително силен удар се најдоа особено помалите фирми и претпријатија, кои често заради опстојувањето ја ризикуваа својата финансиска слика. Паметните решенија што многумина во деловниот свет ги развија и применија на индивидуално или групно ниво, сепак, поставија примери и стандарди за тоа како може да се промени работата според тековната конфигурација на околностите. Останува предизвикот светот и технологијата да продолжат по патот на паметниот развој и да се најдат модуси за општа применливост на новите решенија во сите сегменти на деловното работење.
Во Симпозион, остануваме посветени на примената на новите технолошки решенија и постојано работиме на развивање соодветни едукативни програми и методи на настава што ќе бидат во согласност со тековните состојби и идните предизвици. Годинава успешно реализиравме неколку блокови од едукативни настани, а едукативната сезона ја заокруживме со реализацијата на два едукативни настани од областа на јавните набавки: интерактивната работилница „Чекор по чекор низ јавните набавки“, која ја остваривме во периодот 25–27 ноември, и интерактивната работилница на тема „Планирање на јавните набавки и решавање на конкретни проблеми при спроведувањето на ЈН во пракса“, одржана на 25 декември. Двата настани, на кои беа пренесени многу знаења и вештини стекнати и усовршени низ годините практика на нашите соработници-експерти, поминаа со солидна посетеност и беа високо оценети од страна на учесниците, кои во голема мера беа почетници во јавните набавки.
Во годината што измина, Симпозион, исто така беше еден од малкуте претставници на можеби најважното издание во областа на јавните набавки во оваа деценија во земјава, обемниот „Практичен водич низ јавните набавки“. Прирачникот, кој сè уште е достапен за набавување преку нашите канали на комуникација, беше обезбеден од страна на голем број фирми, институции, јавни претпријатија и поединци заинтересирани за темелна и стручна интерпретација на законскиот текст на новиот Закон за јавни набавки. Се работи за водич напишан на едноставен јазик, кој дава јасен приказ на правилата и на најдобрите практики поврзани со различните фази од процесот на набавка, и тоа: од планирање, изработка на тендерска документација и техничка спецификација, евалуација и избор на најповолна понуда, доделување договор за јавна набавка, сè до фазата на управување со договорот. Полезноста на неговото користење е во директна релација со унапредувањето на темите на нашите обуки и со нивото на стручност на слушателите за кои Симпозион обезбедува едукација.
Со намера во идната година уште поуспешно да им пристапиме на предизвиците и да ги оствариме целите што заедно ги формираме, Симпозион ја завршува работата за оваа година и Ви посакува пријатен одмор, здравје и среќа во празничните денови, а подоцна и безбедно работење, успех и стручно усовршување во новата деловна година. Нека 2021 година биде исполнета со многу повеќе напредок за сите!