Како што најавивме, Симпозион ги отвора повиците за учество на централните настани на идната, пролетна едукативна програма. Во периодот од 2 до 5 април во Истанбул ќе реализираме две тридневни работилници чиишто стручни агенди се конципирани за да дадат максимален придонес кон професионалниот развој на лицата кои работат во областите на 1) заштитата на личните податоци и 2) управувањето со ризици, внатрешните финансиски контроли и стратешкото планирање. Двата настани обезбедуваат концентрирана, практична и експертска подготовка под раководство на најкомпетентните експерти во овие области на национално ниво. Материјалите за пријава на учество и краток опис на априлските работилници следуваат во продолжение.
▸▸▸▸▸
„НOВИ ПРАВИЛА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА СИСТЕМОТ ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ“
Претстојната стручна работилницата ги става во централен фокус новините што ги носи областа на заштитата на личните податоци во 2025 година. Донесувањето на нов Правилник за безбедност на обработката на личните податоци од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци на 25 декември 2024 г. опфати суштински промени на системите за заштита на личните податоци воспоставени од контролорите во јавниот и приватниот сектор. Рокот за прилагодување на работењето на контролорите од јавниот и приватниот сектор со одредбите од овој правилник е 1 јули 2025 година. Учесниците ќе добијат битни упатства и знаења за клучните нови правила за безбедност на обработката на личните податоци и нивното влијание врз воспоставениот систем за заштита на личните податоци, а во насока на одржување на функционален систем за заштита на личните податоци.
Работните блокови концентрираат експертска едукација, практичен пристап и интерактивна дискусија и се целосно насочени кон подигнување на одговорноста и стручноста на офицерите за заштита на лични податоци, одговорните лица за сигурност на информацискиот систем, како и лицата вклучени во процесите на обработка на личните податоци.
Повеќе за тридневната априлска работилница во Истанбул можете да прочитате во официјалната »ПОКАНА и АГЕНДА«. Своите пријави за учество можете да ги реализирате испраќајќи ни го овој »ПРИЈАВЕН ЛИСТ« на нашата официјална адреса info@simpozion.mk.
▸▸▸▸▸
„НОВИНИ ВО ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА И КЛУЧНИ АСПЕКТИ НА ВНАТРЕШНИТЕ ФИНАНСИСКИ КОНТРОЛИ, УПРАВУВАЊЕТО СО РИЗИЦИ И СТРАТЕШКОТО ПЛАНИРАЊЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР“
Стручната агенда на тридневната работилница е внимателно осмислена за да пренесе важни и применливи знаења за новите барања согласно меѓународните стандарди за внатрешна контрола и националната регулатива во делот на воспоставување внатрешни финансиски контроли, управувањето со ризиците и нивната поврзаност со стратешкото планирање. Преку обработка на практични примери учесниците ќе бидат упатени во новините во законската регулатива во предметната област, меѓународната рамка за внатрешна контрола, поставеноста на внатрешната ревизија во системот на внатрешни финансиски контроли во јавниот сектор, како и местото на управувањето со ризици во реализацијата на целите на јавниот субјект.
Главните засегнати лица и групи кои имаат директен интерес за учество во оваа практична стручна работилница се внатрешните ревизори од единиците за внатрешна ревизија, вработените од секторите за финансиски прашања, организационите единици за стратешко планирање, секторите за правни и општи работи, како и сите вработените од останатите организациони единици кај јавните субјекти кои имаат потреба од надградба на своите знаења и во делот на системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор бидејќи финансиското управување и контрола ги опфаќа сите работни процеси и сите организациони единици кај јавните субјекти.
Повеќе за дводневната февруарска работилница во Истанбул можете да прочитате во официјалната »ПОКАНА и АГЕНДА«. Своите пријави за учество можете да ги реализирате испраќајќи ни го овој »ПРИЈАВЕН ЛИСТ« на нашата официјална адреса info@simpozion.mk.
▸▸▸▸▸
МЕСТО НА ОДРЖУВАЊЕ: ИСТАНБУЛ, ТУРЦИЈА
Работната агенда и придружната програма на двете работилници во потполност ги одразуваат нашите основни деловни принципи – избор на водечка експертиза, најсовремена методологија и најдобра работна средина. Како работна средина овој пат го одредуваме Истанбул, и тоа еден од неговите најубави централни делови, со повеќе посети на значајни градски точки во кои е концентрирано многувековно културно и духовно наследство. Покрај ова, времето е усогласено за да се совпадне со познатиот градски празник, манифестацијата „Фестивал на лалето“. Повеќе информации за квалитетната придружна програма на патувањето, која ги опфаќа аспекти на аранжманот, патувањето и местата на посета, ќе бидат доставени до заинтересираните учесници кои ќе испратат барање на нашата официјална електронска адреса info@simpozion.mk или преку нашиот контакт број: 078 271 576.
▸▸▸▸▸
Со оглед на ограниченоста на капацитетите и важноста на навременото оформување група, Симпозион ќе им даде предност на првопријавените учесници. За учесниците пријавени до 13 март е предвиден попуст од 5% на целиот аранжман и котизацијата за учество. За пријавени 3 и повеќе лица од иста институција следува дополнителен попуст од 5% на котизацијата за учество.