Новини во Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници | 11 септември во Скопје

Едукација

Во пресрет на потребата од брзо, стручно и доследно усвојување на законските новини, Симпозион со задоволство ја објавува официјалната покана и агенда за стручната работилница „Новини во Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници“. Работилницата ќе ја реализираме на 11 септември (четврток) во удобната атмосфера на „Ореов лад“ (Скопје), а повикот за учество и можноста за пријавување се сега отворени.

Како теми од централен интерес ќе ги опфатиме новините во Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници, кои Собранието ги усвои во јули оваа година. Новите закони ја претставуваат општата правна рамка за вработените во јавниот сектор. Со нивните прописи се уредуваат начелата, правата и должностите, класификацијата на работните места, евиденцијата, пополнувањето на работните места во јавниот сектор и други прашања поврзани со вработените во јавниот сектор. Покрај овие аспекти, нивна материја претставуваат и вработувањето, унапредувањето, мобилноста, оценувањето и одговорноста, стручното усовршување и оспособување, и низа други важни елементи и аспекти на работниот однос на административните службеници, вклучувајќи ја Агенцијата за администрација.

Клучните новини во овие закони ги тангираат работењето од далечина, зголемувањето на процентот систематизирани работни места, рамката на постапките за вработување, унапредување и мобилност во јавниот сектор, годишниот план за вработување, испитот за административните службеници, новата Комисија за проверка на знаење и интервју, процедурите за оценување и утврдување одговорност на административните службеници, парична награда за исклучителен ангажман, како и додатоците на плата заради задржување на службениците и за учесниците во ИПА проекти и ЕУ структурите. Сите овие новитети бараат јасно разбирање и стручна примена во професионалната практика на голем број засегнати институции и лица.

Поаѓајќи од планираните теми за детална разработка и дискусија во рамките на интерактивната работилница, главните засегнати лица и групи кои имаат директен интерес за учество во оваа практична стручна работилница се вработените во јавниот сектор, особено за лицата кои работат на управување со човечките ресурси, раководните лица на институциите, невработените лица заинтересирани за работа во јавниот сектор, адвокатите кои се занимаваат со заштита на правата што произлегуваат од работен однос на вработените во јавниот сектор и други заинтересирани лица. Предвидените содржини и материјали на работилницата ќе бидат изложени од експертска и искусна позиција, нагледно, детално, со низа примери и методи приспособени за ефективно, практично и сеопфатно разбирање и усвојување во рамките на професионалната практика.

Повеќе информации за еднодневната стручна работилница во Скопје, заедно со прегледот на работните сесии и содржини се достапни во официјалната »ПОКАНА и АГЕНДА«. Своите пријави за учество можете да ги реализирате испраќајќи ни го овој »ПРИЈАВЕН ЛИСТ« на нашата официјална адреса info@simpozion.mk.

Симпозион останува во редовна служба на професионалниот раст и развој обезбедувајќи внимателно одбрано знаење во Вашите стручни области. Покрај оваа работилница, во септември претстојат уште два стручни едукативни настани од областа на јавните набавки (со фокус на клучните измени и практичните совети за успешно работење како договорни органи и економски оператори), како и можностите и перспективите на канцелариското и архивско работење (со акцент на новитетите во Законот за архивски материјал и архивска дејност).

Ги очекуваме Вашите пријави за претстојните едукативни настани и високо ја цениме нашата стручна соработка.