Клучни измени и практични совети за успешни јавни набавки | 25 септември во Скопје

Едукација

По темелни подготовки на агендата, содржините, работниот план и корпусот практични материјали, со задоволство ја објавуваме официјалната покана за стручната работилница „Клучни измени и практични совети за успешни јавни набавки“, која на 25 септември (четврток) ќе ја организираме во пријатната атмосфера на „Ореов лад“ во Скопје. Повикот за учество и можноста за пријавување се сега отворени.

Работилницата ќе ги постави во фокус клучните измени и практичните совети за успешни јавни набавки со што на групата учесници ќе им пренесе битни и практични совети и препораки за справување со предизвиците во сите фази на јавни набавки, а истовремено ќе ги ажурира нивните знаења и информации за новините во електронскиот систем за јавни набавки.

Главните засегнати лица и групи кои имаат директен интерес за учество во оваа практична стручна работилница и нивните придобивки се:

Економските оператори – управителите, одговорните лица, задолжените за подготовка на понудите и лицата кои ја следат реализацијата на договорите. Освен што ќе бидат упатени во начинот на поднесување понуди, тие ќе добијат и низа препораки во врска со правилното аплицирање на дигиталниот потпис и успешната подготовка на прифатливи понуди кои нема да бидат отфрлани поради формални недостатоци или недоставување техничка понуда. За нив ќе биде ставен посебен акцент на начинот на кој треба соодветно да ги подготват документите неопходни за учество во постапките за јавни набавки и евалуација на квалитетот на она што го понудиле, кога се користи овој пристап.

Договорните органи – одговорните лица, лицата на раководни позиции, лицата за јавни набавки, членовите на комисии за јавни набавки и стручни комисии, надворешните стручни лица кои и помагаат на комисијата при евалуацијата, и другите лица кои професионално се занимаваат со јавните набавки. Тие ќе стекнат важно и применливо знаење за клучните предизвици и прашања во постапките за јавни набавки, препораки за поедноставно и побрзо пополнување на финансиската понуда (ексел темплејтите и веб формата), подготовка на образецот на техничка понуда и технички спецификации кај стоки, услуги и работи, со посебен акцент на дилемите кои се појавија во примена на последните измени и дополнувања на Законот за јавни набавки, како и за практична примена на пристапот на најдобар сооднос меѓу цената и квалитетот.

Лицата од академската заедница – професори и студенти кои ги изучуваат јавните набавки, невладиниот сектор – кој будно ја следи состојбата во областа, и сите лица чие работење е во допир со јавните набавки преку учеството ќе фатат тек со сите новини, добрата практика и препораките за подобрување на процесот. Групата учесници ќе понесе со себе клучни вештини неопходни за подобрување на целокупниот процес на јавни набавки.

Како важен елемент на стручната работилница, покрај целокупниот корпус работни материјали користени во рамките на работните сесии, учесниците ќе добијат сопствен примерок од најновото, изменето и дополнето издание на „Практичниот водич низ јавните набавки“ – капитално, единствено од ваков тип во нашата земја. Оваа ретка и исклучително вредна енциклопедија на набавките треба да го поседуваат сите лица инволвирани во процесот на јавни набавки од страна на договорните органи и економските оператори, како и сите останати заинтересирани лица, како помошно средство за успешно спроведување на јавните набавки и подготовка на понудите. Во него ќе најдат одговори за правилната примена на одредбите од законот, правилната пракса, за најчесто поставуваните прашања – сето тоа проследено со мноштво практични примери.

Работилницата ќе биде водена и предвидените содржини на самата работилница ќе бидат изложени од страна на авторите на практичниот водич – м-р Рита Глигоријевска, м-р Марија Јовановска, м-р Александар Аргировски и м-р Горан Давидовски. Овие водечки експерти имаат долгогодишно искуство во областа на јавните набавки, како директни учесници во процесот на креирање политики и изработка на предметната законска и подзаконска регулатива од областа на јавните набавки.

Повеќе за еднодневната стручна работилница во Скопје можете да прочитате во официјалната »ПОКАНА«, а прегледот на работните сесии и содржини е достапен во официјалната »АГЕНДА«. Своите пријави за учество можете да ги реализирате испраќајќи ни го овој »ПРИЈАВЕН ЛИСТ« на нашата официјална адреса info@simpozion.mk.

Симпозион не престанува да ги вложува во целост сите свои ресурси во мисијата да обезбеди најквалитетно знаење во одговор на тековните и неизбежните предизвици, проблеми, дилеми и значајни новини во низа стручни области. Покрај оваа работилница, во септември претстојат уште два стручни едукативни настани од областа на човечките ресурси, јавниот сектор и администрацијата (со посебен фокус на новините во Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници), како и можностите и перспективите на канцелариското и архивско работење (со акцент на новитетите во Законот за архивски материјал и архивска дејност), за кои наскоро можете да очекувате официјални објави и материјали за пријавување.

Остануваме во редовна служба на вашиот професионален раст и развој!