Симпозион го задржува постојаниот фокус на најважните актуелни прашања од стручната област на јавните набавки и во таа насока ја организира претстојната работилница „Најчести прашања во сите фази од процесот на јавни набавки“, која ќе се одржи на 28 февруари 2023 (вторник) во винаријата „Royal Winery Queen Maria“.
Целта на оваа интерактивна работилница во организација на Симпозион е да даде одговор на најчестите прашања и дилеми пред кои се исправени договорните органи и економските оператори во сите фази од процесот на јавни набавки, почнувајќи од планирањето на јавните набавки па сé до управувањето со договорите. Притоа, во текот на предавањата ќе се осврнеме на актуелната состојба која постои на пазарот и директно се одразува врз јавните набавки, создавајќи услови на висока неизвесност и отворајќи бројни прашања кај договорните органи и кај економските оператори. Ќе се осврнеме и на препораките и укажувањата дадени од страна на Бирото за јавни набавки, како и на извештајот од воспоставените индикатори за следење на ризиците во јавните набавки.
Во фокус за разработка ќе бидат ставени сите фази во постапката за јавна набавка со актуелни прашања: планирањето и подготовката на постапката, спроведувањето на постапката, склучувањето на договорот за јавна набавка и управувањето со договорот.
По стручниот едукативен дел, како важен елемент од агендата, ќе биде организирана екстензивна прошетка низ имотот на кралската вила со придружните зданија, винскиот бар, како и визбите и производствениот оддел на винаријата „Royal Winery Queen Maria“, несомнено една од најпосакуваните дестинации на Балканот, каде што ќе биде организиран и ручек во удобниот амбиент на пространиот ресторан на винаријата, со креативно подготвени специјалитети од домашната и интернационалната кујна и дегустација на вина од неколку вински линии.
Работилницата е наменета за договорни органи (одговорно лице, лица за јавни набавки, членови на комисии за јавни набавки, надворешни стручни лица кои ѝ помагаат на комисијата при евалуацијата), економски оператори (управители, лица кои ги подготвуваат понудите), лица од академската заедница кои ги изучуваат јавните набавки, студенти кои ги изучуваат јавните набавки, невладиниот сектор, кој будно ја следи состојбата во важните домени на нашата држава, и сите лица чие работење е во допир со јавните набавки.
Ве покануваме да прочитате повеќе за обуката со клик на документите »ПОКАНА« и »АГЕНДА«. За да пријавите учество, Ве молиме да ни испратите пополнет »ПРИЈАВЕН ЛИСТ« на info@simpozion.mk.
За сите дополнителни прашања, слободно контактирајте нѐ на тел. 078 271 576 или на официјалната електронска адреса.