Месецов тимот Симпозион оствари уште еден исклучително успешен и високопосетен едукативен настан, овој пат во стручниот домен на канцелариското и архивското работење. Под насловот „Почитувањето на правната регулатива – предуслов за успешно канцелариско и архивско работење“, на 26 октомври, во ресторанот „Бела Вода“ на Велешкото Езеро, беше одржана обука на која еден од најавторитетните познавачи на архивското работење во земјава, д-р Ацо Ангеловски, изложи важен материјал и искуство од предметната област. Содржините и концептот на обуките од оваа област имаат историја на континуирано развивање и усовршување во едукативната програма на Симпозион. Врз основа на повратните коментари и секторските потреби и препораки, Симпозион приреди програма од неколку блокови, со која заокруживме уште една квалитетна едукативна средба во одлична атмосфера и со мнозинство задоволни учесници.
На обуката беа опфатени содржини од суштинско и практично значење за вработените и одговорните во областа на архивското работење, почнувајќи од значењето на архивскиот материјал и законските и подзаконските акти што го регулираат канцелариското и архивското работење, до низа процеси и неопходни техники поврзани со приемот, одбирањето, евидентирањето, чувањето и ракувањето со архивскиот и документарниот материјал. Беше темелно разгледана правната рамка (услови, причини и последици) од значење за архивската дејност, по што, благодарејќи на долгогодишното практично и теоретско искуство на предавачот, беше посветено особено внимание на примената на законските и подзаконските акти, односно на нивниот теориски и практичен аспект во канцелариското и архивското работење. Беа темелно разработени правата и обврските на имателите, како и надлежноста на архивите.
Со посетеност од педесетина учесници, покрај опширните излагања во три сесии од страна на д-р Ангеловски, беше развиена дискусија за конкретните проблеми, дилеми и недоумици со кои се соочуваат професионалците од областа. Значителен дел од предавањето и дискусијата на едукативниот настан ги стави во фокус недоследностите, грешките и пропустите во работењето на имателите, при што беа предложени можни решенија за нивно надминување. Високиот интерес за обуката беше оценет не само преку големата посетеност, туку и преку квалитетот на дискусиите и оценките на учесниците. Ова нè охрабрува и понатаму да ги развиваме и специјализираме програмите за обучување и надградување на знаењата и вештините кај професионалците и почетниците во архивското и канцелариското работење.
За сите учесници на обуката беше обезбеден и примерок од книгата „Канцелариско и архивско работење“ од д-р Ангеловски, во издание на Симпозион, кое е вистинска ризница на одговори за сите дилеми и недоумици од оваа област. Книгата ги покрива сите практични нужности, важни процедури и законски обврски поврзани со уредувањето и водењето на документарниот и архивскиот материјал, ползувајќи се со професионалното и академско знаење на авторот, како и неговото долгогодишно искуство од областа. На повеќе од 200 страници, направен е темелен преглед на сите фази во работата со архивскиот материјал, а споделени се и многубројни конкретни примери, упатства, формулари и законски цитати како есенцијални алатки за педантно и ажурно управување со архивскиот материјал. Изданието е вистинска жива адреса што одговара на сите прашања и недоумици поврзани со проблематиката на канцелариското и архивското работење.
Позитивните резултати од обуката произлегуваат од повеќегодишната успешна соработка меѓу тимот на Симпозион, д-р Ангеловски и стручните лица од повеќе институции и фирми. Дел од атмосферата на обуката пренесува малата фото-галерија од настанот во продолжение, во изведба на Моментс Продукција.
За да бидете во тек со идните обуки и работилници што ќе ги организира Симпозион, следете го нашиот сајт и нашата Facebook страница. Остануваме посветени на препознавање на Вашите професионални потреби и пренесување внимателно одбрано знаење.