За да ја поддржи работата на секторите, одделенијата и одговорните лица за јавни набавки што во изминативе неколку месеци се соочуваат со раскинување на веќе склучените договори за снабдување со електрична енергија за сопствени потреби, Симпозион во февруари ја спроведе онлајн работилницата под наслов „Нов концепт за јавна набавка на електрична енергија“. Темата беше веќе еднаш разработена во декември 2021, а исклучително високиот интерес за опфатените теми и содржини ни укажа на потребата од повторно спроведување на овој едукативен настан, при што беа споделени уште попродлабочени увиди и полезни насоки за реализација на новиот концепт.
Одличните коментари и солидната посетеност на второто издание на обуката за јавните набавки на електрична енергија укажуваат дека поставената цел беше остварена: да пренесе еден сосема нов и поинаков концепт за изработка на тендерската документација за јавна набавка на електрична енергија, во кој критериумот за избор на најповолна понуда и останатите услови се креирани на начин кој одговора на моменталната и идната неизвесна состојба на пазарот на електрична енергија. Благодарение на силната стручна подготовка на предавањето, коментарите упатени на наша адреса високо ги оценуваа презентацијата, опфатените теми, како и компетенциите и разбирливоста на предавачот.
Квалитетната едукација е клучна за навремено и соодветно фаќање чекор со новините во практиката и во законското уредување на професионалните домени во кои што работиме. Во Симпозион остануваме посветени на внимателно одбирање на знаењето и искуството за да Ви обезбедиме висококвалитетна едукација, а позитивните резултати од работилницата произлегуваат од повеќегодишната успешна соработка меѓу тимот на Симпозион, квалитетните обучувачи и стручните лица од повеќе институции и фирми.
За да бидете во тек со идните обуки и работилници што ќе ги организира Симпозион, следете го нашиот сајт и нашата Facebook страница. Остануваме посветени на препознавање на Вашите професионални потреби и пренесување внимателно одбрано знаење.