Симпозион ја заокружува својата едукативна програма за 2024 година со две стручни работилници кои во рамките на дводневна програма ќе ги реализираме на почетокот од декември во прекрасната атмосфера на Стар Дојран. Како наши централни теми на интерес и експертиза, двата едукативни настани ќе им бидат посветени на 1) јавните набавки и 2) пописот, односно завршните сметки. Внимателно одбрано знаење – ова е девизата и принципот врз кој се потпира целокупната наша работа. Во служба на вашиот професионален развој и постигнувањето максимални резултати во стручното работење.
▸▸▸▸▸
„КРИТЕРИУМИ ЗА УТВРДУВАЊЕ СПОСОБНОСТ VS КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА НАЈПОВОЛНА ПОНУДА“
Дводневната работилница ќе се одржи во периодот 2—3 декември како завршен настан од областа на јавните набавки за тековната година. Работната агенда е фокусирана на критериумите за утврдување способност наспроти критериумите за избор на најповолна понуда — за да дадеме одговор на многуте практични прашања за ефективната примена на одредбите поврзани со условите за утврдување способност и критериумите за избор на најповолна понуда. Сите аспекти на работилницата и патувањето, заедно со повеќе детали за содржината се достапни во официјалната »ПОКАНА и АГЕНДА«.
Своите пријави за учество можете да ги реализирате испраќајќи ни го овој »ПРИЈАВЕН ЛИСТ« на официјалната адреса info@simpozion.mk најдоцна до 28 ноември. Раното пријавување, до 21 ноември, и пријавувањето на повеќе лица од иста институција опфаќа дополнителни поволности, кои се претставени во поканата.
Главните засегнати лица и групи кои имаат директен интерес за учество во оваа практична стручна работилница се договорните органи (одговорни лица, лица на раководни позиции, членови на комисии за јавни набавки и стручни комисии, лица за јавни набавки и други лица вработени кај договорните органи), економските оператори (одговорни лица, лица кои ги подготвуваат понудите и лица кои ја следат реализацијата на договорите) и лицата кои сакаат професионално да се занимаваат со јавни набавки. Работилницата е исклучително полезна и за сите други заинтересирани лица чиишто интереси и работење се поврзани со јавните набавки.
Едукативните сесии опфатени со работната агенда ќе бидат водени од предавачи со голема експертиза во јавните набавки, особено во доменот на правилата и принципите на јавните набавки уредени со европското и националното законодавство, меѓународната правна практика и примената на регулативата за јавните набавки во нашата држава, како и едукацијата и системското развивање на јавните набавки. M–р Александар Аргировски, државен советник во Бирото за јавни набавки, и м-р Рита Глигоријевска, раководител на секторот за нормативна дејност, обуки и меѓународни односи во Бирото, ќе го преточат своето долгогодишното практично и нормативно искуство во неколку блокови практично применливи знаења, совети и искуства.
Учесниците на работилницата имаат дополнителна можност за набавување на второто, дополнето и изменето издание на „Практичниот водич низ јавните набавки“, најактуелната и најрелевантна практична литература во авторство на водечките експерти во областа на набавките. Образецот за нарачка на книгата е достапен за преземање, заедно со повеќе информации за богатите и сеопфатни содржини. Учесниците кои ќе го нарачаат изданието ќе имаат можност да го преземат својот примерок на самата работилница.
▸▸▸▸▸
„ПОПИСОТ НА СРЕДСТВАТА, ПОБАРУВАЊАТА И ОБВРСКИТЕ КАЈ ОПШТИНИТЕ, ДРЖАВНИТЕ ОРГАНИ И ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА — ПРЕДУСЛОВ ЗА ОБЈЕКТИВНО И РЕАЛНО ИЗГОТВУВАЊЕ НА ФИНАНСИСКИТЕ ИЗВЕШТАИ ВО РАМКИТЕ НА ЗАВРШНАТА СМЕТКА“
Дводневната работилница ќе се одржи во периодот 5—6 декември. Појдовната точка и целта на овој завршен настан од областа на пописот за тековната година е подигнување на одговорноста кај вработените лица од сметководствениот сектор, лицата кои се назначени за членови на комисиите за попис, како и кај одговорните лица кои раководат со општините, институциите и јавните претпријатија. Работилницата го става во централен фокус спроведувањето на пописот на средствата, побарувањата и обврските како една од најзначајните задачи/фази пред изготвувањето на завршната сметка кај правните субјекти. На практичен и интерактивен начин ќе бидат претставени примери на усогласување на фактичката со сметководствената состојба, формата на подготвување на решенија за формирање на комисии за попис и одлуките за усвојување на Извештајот од спроведениот попис. Имајќи го предвид периодот на одржување на работилницата, неминовно ќе му посветиме внимание на данокот на добивка, со посебен акцент кај единиците на локалната самоуправа и државните органи – во кои случаи субјектите се даночни обврзници, каков е даночниот третман на одделни расходи, односно кои расходи се непризнати расходи.
Дводневната работилница во Стар Дојран опфаќа и низа други битни теми од областа на пописот и завршните сметки за кои се изложени повеќе информации во официјалната »ПОКАНА и АГЕНДА«. Своите пријави за учество можете да ги реализирате испраќајќи ни го овој »ПРИЈАВЕН ЛИСТ« на нашата официјална адреса info@simpozion.mk најдоцна до 29 ноември. Раното пријавување, до 22 ноември, и пријавувањето на повеќе лица од иста институција опфаќа дополнителни поволности, кои се претставени во поканата.
Дводневната работилница во областа на пописот е првенствено наменета за вработените во единиците на локалната самоуправа, државните органи и јавните претпријатија кои се вклучени во спроведувањето на редовниот/годишниот попис на средствата, побарувањата и обврските. Главните засегнати лица и групи кои имаат директен интерес за учество во практичната стручна и интерактивна работна агенда се одговорните сметководители, вработените во финансиско-сметководствените сектори, внатрешните ревизори и членовите на комисиите за попис.
За да ја пресретнеме потребата од стручно и квалитетно одговарање на тематските предизвици што ги поставува работната агенда, предавањата и дискусиите во рамките на практичните едукативни блокови ќе ги води Бранислав Гулев, како водечки експерт, овластен државен ревизор и овластен сметководител со многугодишно искуство во областа на финансиите, ревизијата и сметководството.
▸▸▸▸▸
МЕСТО НА ОДРЖУВАЊЕ: СТАР ДОЈРАН
Двете работилници ќе се одржат во наведените термини на почетокот од декември во хотелот Romantique Plaza 4* во Стар Дојран. Кон комфорните услови за работа и пријатната атмосфера на Дојранското Езеро, Симпозион внимателно подготви дополнителна програма, која ќе го засили искуството со локалните дојрански звуци и вкусови, а во патувањето вклучивме и организирана посета на Солун. Двете работилници ги разработуваме со внимание на најрелевантните искуства и најактуелните сознанија и упатства во предметните области, вложувајќи ги сите напори за да создадеме најсоодветна и пријатна атмосфера во работното и слободното време. Едукативните програми ќе дадат силен импулс на стручноста, одговорноста и ефективноста на вработените, раководителите и заинтересираните во двете стручни области. Ги очекуваме Вашите пријави.
▸▸▸▸▸
Информациите за едукативната програма и актуелните повици за учество Симпозион редовно ги објавува на комуникациските канали. – следете ги веб страницата и нашата социјална страница за да бидете во тек. За сите дополнителни прашања и барање, слободно контактирајте нѐ на тел. 078 271 576 или на официјалната електронска адреса.